„ПАЦИЕНТИТЕ НИ СЕ РАЗГАЛЕНИ, ВО ЦЕЛ СВЕТ СЕ ЧЕКА ЗА ДА СЕ ЛЕГНЕ ПОД НОЖ“ Што најмногу ги издолжува листите за чекање за операции?

„Навистина ни треба место. Плачевме по премиери, но тоа е. Имаме ограничен капацитет од 20 кревети. Сега правиме по 13-14 операции неделно. Но, ние сме терциерно здравство. Tие од секундарно здравство треба малку да си ја вршат работата, а не да ги праќаат кај нас. Доаѓаат и од другите градови наместо да се развиваат болниците таму. Операциите на кила и на жолчка се лесни операции, а му ги туркаат на терциерното здравство„, вели д-р Марјан Шокаровски од Клиниката за кардиохирургија.

2,467

Пациенти се жалат дека со месеци чекаат да бидат повикани на операција, откако ќе ги направат сите испитувања и ќе добијат дозвола од анестезиолог за извршување на операцијата. Кога ќе дојде терминот за хируршка интервенција, поминал долг период и пациентот е доведен во ситуација да повтори дел од испитувањата. Што е причината поради која пациентите чекаат термин за операција на државните клиники во Македонија?

Недостигот на опрема, недостигот на болнички кревети или на стручен кадар, па дури и закажување операции преку врски се неколку можни причини поради кои се создаваат долги листи за чекање за операции. Во приватните клиники има можност за побрзо добивање термин за оперирање, но не секој може тоа да си го дозволи од финансиски причини.






Од друга страна, пациентите не се доволно запознаени со своите права и не знаат каде да се обратат за да го забрзаат својот термин за операција.

Нема сали, нема кревети, нема сестри…

Од Министерството за здравство велат дека континуирано спроведуваат здравствени политики за зајакнување на здравствената заштита во сите здравствени установи, со посебен акцент на кадровското зајакнување и на набавката на нова медицинска опрема.

– Лани имаше значително (двојно) зголемување на буџетот за набавка на нова опрема – од 2,6 милиона евра на 5 милиона евра. На пример, Клиниката за торакална и васкуларна хирургија во Скопје набави нов современ хируршки столб – торакоскоп, па доби систем од најновата генерација за изведување минимално инвазивни ендоскопски торакално-васкуларни процедури – велат од Министерството за здравство.

Министерството тврди дека е инвестирано во опрема во болници во повеќе градови: Гостивар, Штип, Велес, Тетово, Куманово, Битола, Прилеп, Кичево и во Охрид, како и дека се подобрени условите во јавните здравствени установи преку нивни реконструкции.

Некои операции се одложуваат кога е потребен донор на орган, а тој не може да се најде во моментот. Таквите ситуации не се директно поврзани со функционалноста на здравствените институции, туку со бројот на потенцијални донори.

Болничките капацитети во однос на број на оперативни сали или кревети се ограничени, па одложувањето на оперативните зафати понекогаш се должи и на тоа.

Министерството за здравство промовираше три нови оперативни сали во ГОБ „8 Септември“ за кардиологија и за интервентна радиологија кои се опремени со нови модерни ангиографи. Но, од директорот на ГОБ „8 Септември“ д-р Христијан Костов не добивме одговор дали во овааа болница се скратил рокот за чекање за операции поради трите нови сали.

– Новите сали се од исклучително значење за обезбедување поголем број интервенции од областа на кардиологијата (коронарографии, каротидографии, периферни ангиографии, коронарни стентирања, стентирања на каротидите и стентирање на крвните садови на екстремитетите) – велат од Здравство.

На Кардиохирургија се жонглира со термини за да се прифатат сите пациенти

Директорот на Клиниката за кардиохирургија д-р Марјан Шокаровски тврди дека тој и неговиот тим понекогаш „жонглираат“ за да постигнат максимална ефикасност и вложуваат максимални напори за да ги згрижат и навремено да ги оперираат пациентите.

– Листата на чекање за елективните хируршки зафати е исклучително мала на Клинката за кардиохирургија, бидејќи со добра организација се трудиме пациентите да бидат навремено згрижени и оперирани, согласно индикациите, како и согласно релативната итност. Клиниката се судира со само еден суштински проблем, а тоа е инфраструктурниот капацитет или немањето доволен број кревети во целиот капацитет (оддел, интензивна нега), па за да ги задоволиме потребите на пациентите, ние понекогаш буквално жонглираме за да постигнеме максимална ефикасност на капацитетите со кои располагаме – вели д-р Шокаровски.

Одложувањето на зафатите на оваа Клиника понекогаш е условено и од здравствената состојба на пациентите.

– Припаѓаме во делот на терциерно здравство, па наша задача е да ги третираме најсложените пациенти кои понекогаш заболуваат од повеќе болести (коморбидитетни состојби) освен основната срцева болест, што секако претставува предизвик, но и поголема одговорност. Овие пациенти воопшто не се атрактивни за останатите сродни болници. На нашата Клиника се третираат и пациентите со напредна срцева слабост со неколку различни хируршки методи согласно индикациите (трансплантација на срце, вградување на краткотрајна, среднорочна или долгорочна срцева поддршка). Третманот на овие пациенти честопати е пролонгиран и дел од инфраструктурните и хуманите капацитети се искористени за нивни потреби. Што се однесува до итните или субакутните пациенти, капацитетите на Клиниката секогаш се достапни – вели д-р Шокаровски.

Тој тврди дека понекогаш другите клиники им префрлаат пациенти што го преоптоварува нивниот капацитет. Клиниката е оптоварена и од бројни пациенти кои доаѓаат од други градови.

– Навистина ни треба место. Плачевме по премиери, но тоа е. Имаме ограничен капацитет од 20 кревети. Сега правиме по 13-14 операции неделно. Но, ние сме терциерно здравство. Tие од секундарно здравство треба малку да си ја вршат работата, а не да ги праќаат кај нас. Доаѓаат и од другите градови, наместо да се развиваат болниците таму. Операциите на кила и на жолчка се лесни операции, а му ги туркаат на терциерното здравство – вели д-р Шокаровски.

Болничките капацитети на државните клиники по пандемијата со ковид-19 се вратија во нормала. Во тој период неколку клиники беа преорганизрани во ковид центри и примаа пациенти заболени од корона вирусот.

Каква е ситуацијата во другите земји во светот и дали има разлика меѓу Македонија и светот кога станува збор за чекањето за операции?

– Од лично искуство истакнувам дека листи на чекање за елективна хирургија постојат секаде бидејќи сум престојувал во повеќе светски центри. Здравствените капацитети не се доволни за да задоволат 100% од потребите на пациентите, како во земјава, така и во странство. И пациентите се разгалени, насекаде во светот е така. Ние ги правиме сите испитувања тука. Не сме имале фатални последици. Но, имало ситуации кога им се влошувала состојбата. Немало место, немало игла, но и тогаш се снаоѓаме. Пациентите очекуваат сѐ веднаш. Сум бил во странство, исто е, па и полошо. Ни волкот не е црн, ни јагнето не е бело – вели д-р Шокаровски.

Сложеноста на операцијата и изработката на одредени протези честопати можат да го одложат оперативниот зафат.

– Тука ќе ги споменам акутните случаи на аортна дисекција или руптура на аортата, и тоа по нејзина цела должина, кои во зависност од локализацијата имаат засебен начин на третман. Реално, кога станува збор за оваа патологија, понекогаш зависно од потребата и начинот на лечење, а и графтот кој се изработува по мерка на самиот пациент, можно е да се почека одредено време додека стигне таа протеза, но тоа секогаш се прави согласно протоколот и добрата медицинска пракса – објаснува д-р Шокаровски.

Што велат протоколите?

Сегашните протоколи и добрата медицинска пракса повеќе се смерници одошто мандаторни протоколи, вели Шокаровски и додава дека не му е познато дали има законски регулации кои определуваат колкаво е максималното чекање за некоја операција.

– Она што со сигурност може да помогне е суштественото воведување мандаторни протоколи кои конкретно ќе посочуваат кој пациент со која дијагноза има приоритет и за колку време ќе биде завршено лечењето. Ние и Хрватска сме најдобри, користиме хибридни методи, останативе на Балканот се полоши. Ние ги следиме смерниците за чекање од Европската асоцијација и од Американската асоцијација. Нема протоколи за чекање, но има смерници. Ако сакаат да се жалат, постојат начини. Има судски вештачења, инспекции, комисии од Министерството за здравство, од Фондот за здравствено осигурување, од Санитарниот здравствен инспекторат. Тоа се службите кои го контролираат работењето на здравствените институции во кои спаѓа и овој дел за кој зборуваме – тврди д-р Шокаровски.

Од Министерството за здравство објаснија дека согласно Законот за здравствена заштита во хируршките клиники, стручен колегиум ја координира работата во јавните здравствени установи кои вршат болничка здравствена дејност од областа на хирургијата. Хируршките интервенции во здравствените установи се извршуваат согласно протоколот за безбедна хирургија, кој опфаќа проверки на преземените дејства согласно видот на хируршката интервенција.

Надлежните од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, пак, тврдат дека нема правни регулативи за максимално дозволено време на чекање на елективните операции.

– Тие кои се на листата на чекање не се во животозагрозувачка ситуација. Пациентите кои чекаат операција на жолчно ќесе се таков пример. Тие може да чекаат и до 5-6 месеци. Нема максимален рок на чекање кој е законски дозволен, тоа зависи и од капацитетот на клиниките. Итните случаи, како случаите на канцер кој треба да се оперира, веднаш се оперираат – тврдат од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

„Врските“ ги издолжуваат листите за чекање?

Некои пациенти тврдат дека внесувањето преку ред на оние кои имаат „врски“, влијае врз листата на чекање за операција.

– Кога требаше да се оперирам за вадење на жолчното ќесе со лапароскопија, некои пациенти ми рекоа дека постојат начини како да влезам „преку ред“ и да добијам поголемо внимание од лекарот. Лекарот наводно имал точни изрази кои ги кажувал како „код“ за да навести колкаво мито бара. Јас не платив ништо и чекав неколку месеци за операција – тврди анонимен пациент познат на редакцијата.

Повозрасен пациент од една скопска приградска населба за Плусинфо го раскажа својот случај:

– Пред една година, ми беше дијагностицирана катаракта на двете очи. Едното око, како што ми рекоа лекарите, било „зрело“ за операција. Безмалку два месеца очекував термин за операција. Се изнаслушав разни приказни за тоа колку била тарифата да се добие итен термин, како и кому да се плати. Одбив да го сторам тоа. На крајот, изгубив трпение и се оперирав во приватна клиника. Ме чинеше малку поскапо отколку што би требало да платам за брза операција на државно, но барем знам дека парите си ги дадов спокојно и со алал. Сега чекам да „узрее“ и другото око, па не знам каде да барам чаре.

Повеќето пациенти се плашат да ги пријават случаите во кои им било побарано мито, бидејќи стравуваат дека лекарот од кого зависат може да им наштети. Сепак, здравјето им е поважно.

КОГА ОПЕРАЦИЈАТА Е ИТНА ИЛИ МОЖЕ ДА ПОЧЕКА?

Постојат елективни и итни операции. Елективните операции не се извршуваат веднаш и пациентите чекаат да се ослободи термин бидејќи не се итни и состојбата на пациентот најчесто не е животозагрозувачка. Од друга страна, пак, итните операции не можат да се одложат бидејќи најчесто станува збор за животозагрозувачки состојби.

– Одобрувањето на хируршката интервенција се спроведува за секој пациент посебно зависно од здравствената состојба, односно дали станува збор за итна или за елективна хируршка интервенција. Здравствениот работник кој врши хируршки интервенции во здравствените установи во мрежата на секундарно и терциерно ниво на здравствена заштита е должен во календарот на активности да определи термини за вршење елективни, односно неитни хируршки интервенции, додека при итни и животозагрозувачки ституации, хируршката интервенција веднаш се извршува, без чекање – велат од Министерството за здравство.

Поврзани содржини