Пациентите ќе добијат шатор и греалка – во какви услови се чека за преглед во штипскиот ковид-центар?
Над половина од хоспитализираните пациенти на штипското Инфективно одделение се борат за живот. Постојано се на кислородна поддршка поради ниската сатурација, односно кислород во крвта, од што зависи и функционирањето на органите.
Директорот на Клиничка болница-Штип, Ален Ѓеорѓијев вели дека на 28 пациенти им е потребна кислородна поддршка.
Трет ден во регионалниот ковид-центар бројот на хоспитализирани е 56. Ѓеорѓијев потенцира дека за разлика од минатата недела намален е бројот на пациенти кои се лекуваат во болнички услови, но расте бројот на тешките пациенти. Од друга страна, голем е притисокот на пациенти во дневната ковид-амбуланта, каде што дневно лекарска помош бараат и по сто заразени пациенти од целиот источен регион.
– За пациентите кои чекаат на преглед пред ковид-амбулантата, во текот на утрешниот ден ќе биде поставен шатор, донација од Црвениот крст. Во него ќе ставиме и клупи и ќе обезбедиме греалки, за да им биде топло на пациентите, кои чекаат надвор во кругот на одделението – вели Ѓеорѓијев.
Во источниот регион активни случаи на коронавирус има 1.738.