ПАЦИЕНТИ СО АМПУТАЦИИ, ИЗГОРЕНИЦИ И СО СКРШЕНИЦИ НА РЕХАБИЛИТАЦИЈА ВО ШТИПСКАТА БОЛНИЦА Се полни одделението за физикална терапија

Сите капацитети во Клиничка болница Штип, тоа се 50 легла, и капацитетите на физикална терапија се ставени во функција, вели раководителот на Одделението за физикална терапија, Никола Костадинов.

26,551

Почна приемот на повредни пациенти од дискотеката „Пулс“ во Кочани во Одделението за физикална терапија при Клиничка болница Штип. Раководителот Никола Костадинов вели дека се подготвени 50 болнички кревети, каде што ќе се хоспитализираат потешко повредените за рехабилитација.

– Пациентите почнавме да ги примаме од пред ден-два. Сите капацитети во Клиничка болница Штип, тоа се 50 легла, и капацитетите на физикална терапија се ставени во функција. Потешките случаи ќе се лекуваат стационарно кај нас и дел во болницата во Кочани. Пациентите се со тешки изгореници и контрактури, но имаме голем дел на пациенти и со фрактури и со ампутации. Ќе имаме целосна рехабилитација на скршениците и на изгорениците, како и вежби за дишење, кои се дел од рехабилитацијата на пациентите со изгореници – вели Костадинов.






На Одделението за физикална терапија во Штип и во болницата во Кочани повредените полесно ќе закрепнуваат со хидротерапија, електро процедури и со кинези терапија. Во рехабилитацијата на повредените се вклучени лекари специјалисти и обучен физиотерапевтски кадар. Доколку има потреба ќе се ангажираат и лекари од другите болници во државата. Дополнително, со пациентите со изгореници ќе се работат и вежби за дишење кои ќе бидат од голема важност за нивно брзо заздравување и закрепнуваање.

Штипската физикална терапија располага со базен со термална вода од изворот „Кежовица“, која се смета за една од најлековитите води во Европа. Истиот се користи за вежби и за лекување на пациентите главно со фрактури.

Костадинов апелира пациентите со изгореници да не користат мелеми и креми од надри лекари, туку да бараат соодветна лекарска помош.

– Медицинската рехабилитација, особено кај пациенти со тешки изгореници и сериозни повреди, претставува строго регулирана здравствена дејност што може да ја извршуваат само здравствени установи и специјализиран медицински кадар. Несоодветната физиотерапија без медицинска проценка може да доведе до несакани последици по здравјето на пациентите, а таквите постапки се казниви според Законот за здравствена заштита – потенцираше Костадинов.

Поврзани содржини