Паѓаат каматите на кредитите и депозитите
Според Народната банка месечен раст на просечните камати на кредитите и депозитите е забележан кај новоодобрените кредити и новопримените депозити.
Во февруари, иако минимален, забележан е пад на каматите на вкупните кредити и депозити. Истиот месец забележан е раст на каматите кај новоодобрените кредити и новопримените депозити.
Ова го покажуваат податоците објавени од Народната банка кои се однесуваат на движењата кај каматните стапки на банките и штедилниците.
Според нив, каматите на вкупните кредитите и депозитите во февруари се намалени за 0,01 отсто, додека на годишно ниво тие бележат пад од 0,30 отсто кај кредитите и 0,27 отсто кај депозитите.
Просечната камата на вкупните кредити во февруари изнесува 4,61 отсто, додека кај депозитите таа изнесува 0,92 отсто.
Месечен раст на просечните камати на кредитите и депозитите е забележан кај нововодобрените кредити и новопримените депозити. Просечната каматна стапка, на новоодобрените кредити во февруари, пораснала за 0,27 проценти поени и изнесува 4,25 отсто, додека кај новопримените депозити изнесува 0,71 отсто и е повисока за 0,09 проценти.
По сектори просечната каматна стапка на вкупните кредити одобрени на корпоративниот сектор, изнесува 3,70 отсто со забележан пад од 0,01 отсто.
„Месечната промена во целост произлегува од падот на каматните стапки на денарските кредити со валутна клаузула додека каматните стапки на денарските кредити без валутна клаузула и кредитите во странска валута се непроменети“, појаснуваат од Народната банка.
Во февруари просечната каматна стапка на вкупните кредити на домаќинствата бележи пад од 0,02 отсто и изнесува 5,43 отсто.
„Притоа, падот се објаснува со намалувањето на каматните стапки кај сите компоненти, и тоа: каматните стапки на денарските кредити без валутна клаузула и каматните стапки на кредитите во странска валута како и каматните стапки на денарските кредити со валутна клаузула“, појаснуваат од Централната банка.