ОЗЛОГЛАСЕНИТЕ ПЛАТЕНИЦИ СТАНАА ЕВТИНО ПОЛИТИЧКО ОРУЖЈЕ Што прават борците од групата Вагнер по смртта на Пригожин?

Десетици платеници, подготвени да жртвуваат дел од својот приход, добиле белоруски пасоши со нови имиња и датуми на раѓање и се пријавиле во белоруските воени трупи, некои заминале во руските воени служби, а други се упатиле во Африка, тврди белорускиот политички аналитичар, Валери Сачашик.

941

Платениците на руската воена група Вагнер, кои по неуспешниот бунт против Кремљ во јуни 2023 година, се префрлија во Белорусија, се силно поддржани од белоруските безбедносни сили и пропагандисти. Покрај знамето на Белорусија и знамињата на белоруските агенции за спроведување на законот, знамето на Вагнер често може да се види на телевизиските преноси од заеднички вежби. Белорускиот заменик министер за внатрешни работи, Николај Карпенков, дури носи и значка со симболите на Вагнер.

На крајот на јуни 2023 година, тогашниот шеф на групата на Вагнер, Евгениј Пригожин, за кој се верува дека загинал во авионска несреќа, водеше вооружен бунт против руското воено раководство. Тој тргна кон Москва со дел од својата приватна војска, но по посредувањето на белорускиот лидер Александар Лукашенко, Пригожин го откажа маршот. Ветено му било дека нема да биде кривично гонет доколку замине во Белорусија.






Денес во Белорусија има останато помалку од илјада припадници на Вагнер. Повеќето од нив сè уште живеат во кампот во областа Осиповиќ, во регионот Могилев. Ова во интервју за Дојче веле го потврди Валери Сачашик, претставник на Единствениот преоден кабинет на белоруската опозициска лидерка Светлана Тихановска, која живее во егзил во Литванија.

Според аналитичарот за одбрана и безбедност, десетици платеници „барајќи стабилност и безбедност и подготвени да жртвуваат дел од својот приход“ добиле белоруски пасоши со нови имиња и датуми на раѓање и се пријавиле во белоруските воени трупи. Но, Сахашчик смета дека Лукашенко „нема ништо посебно да понуди што би можело да ги привлече платениците на Вагнер“. Белоруските плати се значително под оние на кои војниците на Пригожин биле навикнати во Русија.

Затоа Сачашик претпоставува дека уште повеќе платеници на Вагнер ќе ја напуштат Белорусија.

– За нив Белорусија е само привремено решение. Многумина потпишаа договори со различни служби во Русија, а некои заминаа во Африка. Во Белорусија веќе нема толку многу платеници што би можеле да влијаат на текот на настаните во земјата – изјави Сачашик.

Опозицискиот политичар смета дека со прифаќањето на трупите на Вагнер, Лукашенко само сакал да се истакне како „миротворец кој ја спасил Русија“. Но, тој не доби ништо од тоа. Односите со шефот на руската држава Владимир Путин, кој не можеше да толерира некој да се обидува да се претстави како посилен или попаметен, само се влошија.

– Доаѓањето на платениците на Вагнер во Белорусија предизвика голема тензија во општеството и отпор дури и меѓу вооружените сили – нагласува Сачашик.

Што се однесува до белоруските трупи кои активно ги поддржуваат платениците на Вагнер, Сачашик вели дека тие ја споделуваат нивната идеологија за „рускиот свет“. Историскиот концепт, првично заснован на идејата за јазично и етничко единство, стана дел од идеологијата на Кремљ во деформирана форма и беше искористен како изговор за рускиот напад врз Украина.

Григориј Нижников, аналитичар од Финскиот институт за меѓународни односи, истакнува дека Минск платениците на Вагнер ги гледа како „корисна политичка алатка“. Режимот на Лукашенко може да ги искористи за обука на сопствените безбедносни сили, но и како „фактор за заплашување“ во изборната кампања, смета тој.

Но и Кремљ има корист од присуството на платеници во Белорусија. Со оглед на тоа што речиси сите руски војници стационирани таму од крајот на 2021 година се повлечени и прераспоредени на украинското бојно поле, Путин се потпира на платениците на Вагнер како можни борбени единици за итни случаи.

– На Путин му е важно да задржи барем одредено присуство на тие војници во Белорусија, за секој случај. Мислам дека го прогонува паранојата за обоените револуции и помислата дека Западот може да ја собори секоја проруска влада во регионот – вели Нижников.

Тој смета дека платениците ја научиле лекцијата од бунтот во летото 2023 година.

– Јасно им е дека ги чека смрт доколку не ги почитуваат наредбите од Кремљ -вели тој.

И политикологот Роза Турарбекова смета дека платениците на Вагнер, кои останаа во Белорусија, повеќе не веруваат дека можат да „учествуваат во големата политичка игра“.

-Веќе учествуваа во една и едвај преживеаја – потсетува Турарбеков.

Таа нагласува и дека Александар Лукашенко го интересира военото искуство на овие луѓе, но пред се „нивното искуство со теророт“. Турарбекова верува дека белорускиот владетел сака „поискусна војска и полиција“, бидејќи се плаши од повторување на масовните протести како оние по претседателските избори во 2020 година – кои ги лажираше.

Од идеолошка гледна точка, според Турарбекова, членовите на Вагнер му служат на режимот на Лукашенко како контраст на демократската опозиција, која за своја цел го прогласи пристапот на Белорусија во Европската унија. Турарбекова вели дека во Белорусија има „отворени поддржувачи на рускиот свет“, меѓу кои и заменик министерот за внатрешни работи Николај Карпенков, кои „размислуваат за иднината по Лукашенка и, се разбира, за иднина поврзана со Русија“.

Поврзани содржини