ОВОЈПАТ НЀ ОДМИНА, НО НЕ ЗНАЧИ ДЕКА ДРУГПАТ НЕМА ДА НЀ ЗАФАТИ Суперклеточната бура може да изнедри и торнадо

Иако нашата земја, која во периодов се соочува со топлотен бран и екстремни температури на воздухот, не беше зафатена од овој екстремен временски настан, тоа не значи дека во наредниот период нема да има развој на посилни грмотевични облаци и појава на невреме и кај нас. Од овие причини неопходно е секојдневно следење на временската состојба, алертите за невреме и навремено информирање на јавноста.

5,683

На 19 јули 2023 територијата на Хрватска беше зафатена од големо невреме какво не се памети на овие простори. За жал, невремето однесе човечки животи, голем број повредени лица а причинети се и големи материјални штети. Станува збор за исклучителна силна и долготрајна бура со грмотевици со поголеми просторни димензии (т.н. Mезоскален конвективен систем MCS), во чии рамки се формирал суперкелиски облак (конвективен облак со изразена вертикална вртложност). Податоците покажуваат дека налетите на ветровите во загрепската област биле бурни на границата на ураганите, што ги вбројува меѓу најсилните регистрирани на ова подрачје. По централна Хрватска, невремето со грмотевици продолжило да се движи кон исток, а со слична силина зафатил и многу други градови каде била измерена брзина на ветер до 180 км/ч.

Фактори за невремето 






Во основа се издвојуваат три фактори за појавата на невремето:

– Климатските промени и зачестената појава на временски екстреми;

– Климатската варијабилност, сезонските одлики на времето во регионот посебно оваа пролет и почетокот на летото и враќањето на феноменто Ел-Нињо;

– Термодинамичките и синоптички карактеристики на атмосферата и времето во Европа и во регионот.

Климатските промени и глобалното затоплување на планетата носат и негативни последици по однос на климатскиот систем. Една од негативните консеквенци е зачестената појава на временски екстреми (топлотни бранови, суши, поплави, бури, пожари и др).  Во услови на загреана планета со температура околу 1 степен, атмосферата може да задржи околу 7% поголема влага. Тоа претставува еден вид гориво за иницирање бурен развој на грмотевични облаци.

Климатските варијации оперираат во помала повеќегодишна, годишна или меѓугодишна сезонска временска рамка. Постојат неколку климатски модови (Ел Нињо – топла фаза, Ла Ниња – ладна фаза, НАО, АО и др.) кои се однесуваат на отстапувања на температурата и притисокот на копното и океаните и претставуваат основни климатски драјвери на општата атмосферска и океанска циркулација, воздушните маси, млазни струи, фронтови и атмосферски системи а оттаму и на сезонските одлики на времето. Токму вториот фактор за поинтензивен развој на грмотевични облаци е влажната и нестабилна пролет и почеток на лето како резултат на постоењето на специфичен шаблон на циркулација во Европа (т.н. Европски монсун). Со негово слабеење и постепено поместување на суптропскиот појас со висок притисок од Африка-антициклон (во услови на феноменот Ел Нињо) Медитеранот и југоисточна Европа се наоѓа под влијание на многу топла воздушна маса, која во одделни делови и кај нас во Македонија се манифестира со екстремна топлина-топлотни бранови и појава на тропски ноќи (кога минималната температура на воздухот не се спушта под 20 степени.

Но и во ваква стабилна, еднородна и многу топла воздушна маса, можни се одредени пореметувања како резултат на одделни атмосферско-динамички карактеристики кои се опишани подолу.

Термодинамичките услови и формирањето на Мезоскален конвективен систем се третиот фактор за појавата на невремето во Хрватска. Во услови на постоење на две карактеристични воздушни маси, една со антициклонална циркулација, многу топла маса во чие поле се врши транспорт на многу топол воздух од северните делови на Африканскиот континент, и поладна и повлажна воздушна маса која се простира над северозападните и северните делови од Европскиот континент каде постои обратна циклонска циркулација. Овие две маси се разделуваат со појас на силни струења на висина – познати како млазна струја, која пред да се формира невремето е со зонална ориентација (W-E).

Загревање на Алпите и на Северен Јадран

Една од клучните термодинамички фактори за појавата на невремето е диференцијалното загревање во областа на Алпите и Северен Јадран, т.е. разликите во однос на одливот на топлина од морскиот и копнен, пред сѐ планински дел. Во овие области се создаваат поволни услови за иницирање и развој на поединечни грмотевични облаци кои во текот на времето интензивираат и прераснуваат во организиран Мезоскален конвективен систем (МCS). Тоа е всушност голем, организиран комплекс на грмотевици кој обично покрива површина од неколку стотици километри и има животен циклус од неколку часа до повеќе од еден ден. Тие се важна компонента на временските и климатските системи на Земјата.

Формирањето MCS се случува во одредени атмосферски услови кои промовираат развој и организација на грмотевици. Формирањето на MCS бара нестабилна атмосфера, што значи дека воздухот во близина на земјата е потопол и поплоден од воздухот што е горе. Оваа нестабилност ја поставува основата за развој на силни нагорни струи во рамките на грмотевици. MCS често започнува од интеракцијата на различни воздушни маси или временски системи. Вообичаените предизвикувачи вклучуваат судир на ладни и топли фронтови, присуство на систем со низок притисок или конвергенција на ветровите во одредена област. Кога атмосферата е нестабилна, топлиот, влажен воздух на површината се крева, формирајќи нагорни струи. Како што воздухот се крева, тој се лади и кондензира, ослободувајќи латентна топлина, што дополнително ги засилува нагорните струи. Истовремено, студениот, густ воздух се спушта во форма на надолни струи, создавајќи избалансиран конвективен систем. За да се формира MCS, треба да има одреден степен на организација меѓу поединечните бури со грмотевици. Ова може да се постигне преку интеракции како што се спојување на соседните бури или преку развој на водечка линија на бури позната како линија на нестабилност. MCS може да се самоодржува, бидејќи студениот одлив од развиени грмотевици може да дејствува како нов двигател за дополнителен развој на грмотевици, одржувајќи го системот во подолг период.

MCS обично поминува низ фази, почнувајќи со иницијација, проследени со зрели фази кога системот е најсилен, и конечно, фазата на дисипација бидејќи атмосферските услови стануваат понеповолни. Мезоскалните конвективни системи можат да донесат обилни врнежи, силни ветрови, град, па дури и торнада. Тие, исто така, може да доведат до поројни поплави, штетни ветрови и нарушување на транспортот и инфраструктурата, па дури и да загрозуваат животи.

Сл. 1. (а) Мезоскален конвективен систем (MCS) прогнозиран со алатката NOTHAS (б) Суперкелиска бура над делови од Загреб

Важно е да се напомене дека MCS (Сл. 1а) може да варира во голема мера по големина, интензитет и времетраење, а специфичните механизми на формирање може да зависат од географската локација и преовладувачките временски обрасци. Во текот на еволуцијата на овој комплексен грмотевичен систем се иницираат и суперкелиски облаци (Сл. 1б).

Сл. 2. (а) Интензивни поројни врнежи во подрачјето на Загреб (б) Силни налети на ветер на фронталниот дел од бурата над Загреб симулирани со алатката NOTHAS

Тие имаат голема склоност да создаваат екстремни временски услови, вклучително и силни ветрови, многу голем град, а понекогаш и слаби до силни торнада. Покрај нестабилните атмосферски услови, диференцијалното загревање, конвергенцијата на воздухот во приземниот слој на атмосферата, значајна улога има и струењето, т.е. смакнувањето на правецот и брзината на ветерот, интензивното турбулентно мешање во планетарниот граничен слој и топла и влажна адвекција. Карактеристично за овие суперкелиски бури е нивната силна ротирачка вертикална брзина која овозможува подолго одржување на бурата, продукцијата на огромна количина врнежи, поројни дождови и крупни зрна град (Сл. 2а), како и силни-повремено урагански удари на ветерот на фронталниот дел од бурата (Сл. 2б), каков што беше случајот над Загреб.

Јавноста навреме да се информира за можно невреме

Овој изразито нестабилен организиран, вртложен грмотевичен атмосферски систем, во западно и северозападно струење на висина со голема брзина се придвижуваше од Хрватска кон северна Босна и кон Србија. Во зависност од локалните атмосферски услови, орографијата, површинските карактеристики истиот се манифестираше со силни, повремено урагански удари на ветер, крупен град, интензивни поројни врнежи, предизвикувајќи огромни материјални штети долж неговата траекторија на движење, сѐ до негова постепена дисипација во доцните вечерни часови во северозападните делови од Бугарија.

Иако нашата земја, која во периодов се соочува со топлотен бран и екстремни температури на воздухот, не беше зафатена од овој екстремен временски настан, тоа не значи дека во наредниот период нема да има развој на посилни грмотевични облаци и појава на невреме и кај нас. Од овие причини неопходно е секојдневно следење на временската состојба, алертите за невреме и навремено информирање на јавноста.

 

(Автор д-р Владо Спиридонов, редовен професор на ПМФ)

Поврзани содржини