ОВОЈ ИЛИ СЛЕДНИОТ МЕСЕЦ ЌЕ СЕ ОТВОРИ УСТАВОТ Претседателот Пендаровски најави кога ќе започне постапката за внесување на Бугарите
Според претседателот, македонската Влада го турка овој процес и ќе го истурка до крај, а во државната позиција на Бугарија кон земјава нема никаква промена.
Ако скратувањето на мојот мандат од неколку месеци и помогне на државата да напредува во демократијата или интеграциите, уште денеска ќе поднесам оставка, вели претседателот на државата Стево Пендаровски.
Во вечерашното гостување на „Трилинг“, Пендаровски истакна дека постапката за промена на Уставот треба да почне овој или најдоцна идниот месец, а единствен начин за да се дојде до две третини, како што напомена, е дебата со опозицијата.
– Јас би преферирал постапката за промена на Уставот да почне овој или најдоцна другиот месец и да заврши пред август, кога се колективните одмори на државните органи, пред се на Парламентот, зашто потоа полека влегуваме во предизборна атмосфера и атмосферата може да биде само полоша. Не би сакал да видам друг начин за да дојдеме до две третини и промена на Уставот сега во однос на Бугарите, освен дебата со опозицијата – рече Пендаровски.
Според претседателот, македонската Влада го турка овој процес и ќе го истурка до крај, а во државната позиција на Бугарија кон земјава нема никаква промена.
Негова оценка е дека предвремените избори нема да ги решат политичките проблеми во државата.
– Се плашам дека не само предвремените, туку и редовните парламентарни избори нема да ги решат длабоките политички проблеми зашто тие не се од вчера. Имаме огромна дупка меѓу два па и три политички блока кои со години наназад се гледаат преку нишан. Мислам дека за да се влоши состојбата, многу придонесе 27 април, а и немаше извинувања за тоа што беше сторено – рече шефот на државата.
За втор мандат Пендаровски би размислувал по Нова Година, во јануари или февруари, неколку месеци пред изборите, за да види, како што рече, дали ќе има поддршка од политичките партии и што мислат граѓаните за неговата досегашна работа.
– Не би сакал да се туркам ако мојот рејтинг е низок – истакна претседателот.
Одлуката на Уставниот суд од пред два дена е поразувачка. Би сакал да ја искоментирам пред воопшто да стане предмет во јавноста, а треба да стане. Невкусно е мојата плата, од сегашните 93 000 да биде 150 000 или на премиер, спикер на Парламент, министри од сегашни 80 000, да изнесува 130 000, рече вечерва претседателот Стево Пендаровски.
Според него, Владата мора да направи брза интервенција во Законот за плати. Кризата треба да ја носат сите подеднакво, укажа претседателот, а не да се зголемува платата на функционерите кога сите други едвај „крпат“ крај со крај.
– Уставниот суд поништува еден член од Законот за плати во кој платите на функционерите се врзани со коефициенти. Јас имам коефициент 4,5, значи 4,5 просечни плати од по 32 000. И тоа важи за сите функционери. Од правен аспект Уставнот суд е во право, а од аспект на Кривичниот законик, непочитување на Одлука на Уставен суд е кривично дело. Но, јас сакам да апелирам до Владата да го промени тој дел од Законот за плати со додавање еден член. Во оваа ситуација кога велиме дека имаме кризи кои се мултиплицираат и се засилуваат, со овие цени на продукти, со оваа инфлација, војна во Украина и пореметени пазари, мене и на функционирети да ни даваш плата повисока за 50 – 70 проценти,… Правнички е коректно, но Владата мора да направи брза интервенција во Законот за плати и да каже, на пример, не мора нивниот или мојот коефициент да биде 4,5 или 3,5, нека биде два – истакна Пендаровски во гостувањето на „Трилинг“.