Иван Стојановски е најсреќниот учесник во црковната манифестација на положување на светиот крст во водата на базенот на храмот „Свети Великомаченик Димитриј“ во Битола.
Меѓу педесетте момчиња и едно девојче, Стојановски беше највешт и за прв пат успеа да го фати живототворниот крст.
– Со верба во Бога успеав да го фатам крстот. Трет пат учествувам на оваа манифестација и за прв пат успеав. Со смирение и божја помош, се е лесно. Порачувам да го славиме Бога – рече Стојановски.
Младиот Стојановски доби честитки од митрополитот преспанско-пелагониски и администратор австралиско-новозеландски г. Петар и од градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски.
Во Дебар најсреќен беше деветгодишниот Павел Ангеловски, кој и минатата година го фати светиот крст, положен во водата на базенот во дворот на црквата „Света Петка“, каде е и седиштето на Дебарската парохија.
– Пресреќен сум. Посакувам здравје и среќа за сите – рече Павел.
По светиот крст се фрлија Павел и Дарко Блажевски.
Годинашните кумови, семејството на Љупчо и Татјана Узуновски, соодветно го даруваа и Павел и верниците.
Пред положувањето на светиот крст, намесникот на Дебарската парохија Миле Ангеловски, отслужи Света Златоустова литургија на која присуствуваа и дебрани кои денес живеат во други градови во земјава.
Дваесет и едногодишниот Бојан Костадиновски од Куманово го извади светиот крст во Соборниот храм „Свети Никола“.
– Успех и здравје на сите. Трет пат скокам, им посакувам здравје на сите. На сите нека им даде Господ здравје, среќа и радост, бериќет дома. Би сакал многу успеси оваа година, да има здравје па друго ќе си дојде само. Ме мотивираше да скокам за здравје и среќа и очекувам оваа година да ми биде успешна, изјави Костадиновски.
Од свештенството на Соборниот храм доби икона и свет крст, како и пригодни подароци од локалната бизнис-заедница.
Претходно, во Соборниот храм „Свети Никола“ се одржа и литургија по повод празникот Богојавление Водици. И во останатите цркви во Куманово се фрлаше светиот крст.
Наум Поцев од Крива Паланка е среќникот што годинава го извлече крстот од осветените води на Крива Река.
Чествувањето на денешниот голем христијански празник Водици-Богојавление почна со свечена Богојавленска литургија. Верниците од осум часот утрово присуствуваа на светата литургија во соборниот храм „Св. Великомаченик Димитриј“, по што се упатија кон мостот и кејот на Крива Река, каде свештенослужителите од Кумановско-Осоговската епархија, Кривопаланечко архиерејско намесништво ги осветија водите на реката.
По овој чин чесниот крст беше положен во водите, а најсреќен меѓу пријавените што успеа да го извлече богојавленскиот крст беше Наум Поцев за што доби подарок телевизор од Општина Крива Паланка, како и вредносен ваучер во вредност од 12.000 денари од „Зегин“.
📷 НИКОЛА ЈАКИМОСКИ ГО ФАТИ КРСТОТ ВО ОХРИД На подарок доби златно ланче со крст
📷 21-ГОДИШНИОТ ДАВИД ДАМЈАНОВСКИ Е СРЕЌЛИЈАТА ОД ТЕТОВО Крстот беше положен во црковниот базен