ЈОВЕСКИ ЗА СЛУЧАЈОТ ОНКОЛОГИЈА Анкетната комисија излегува надвор од своите надлежности, ќе ја наруши предистражната постапка на Обвинителството

Сѐ повеќе сум уверен дека не се работи за грешка, туку за излегување од надлежностите на собраниските тела со цел да се наруши предистражната постапка која ја води Обвинителството - рече Јавниот обвинител Љубомир Јовески пред Анкетната комисија за случајот „Онкологија“.

322

Кога ја примив поканата мислев дека е некоја грешка, но следејќи ја работата на ова тело, и претходно на Комисијата за финансирање и буџет на која бев повикан на истава тема, сѐ повеќе сум уверен дека не се работи за грешка, туку за излегување од надлежностите на собраниските тела со цел да се наруши предистражната постапка која ја води Обвинителството, рече Јавниот обвинител Љубомир Јовески пред Анкетната комисија за случајот „Онкологија“.

Државниот обвинител денеска присуствуваше на седницата на собраниската Анкетна комисија на која се расправаше за случајот „Онкологија“.






– Апсолутно не е важно кој предложил, а кој прифатил вакво нешто. Јавниот обвинител ниту е експерт, ниту може да биде повикан да сведочи за активна кривична постапка. Тоа го забранува Уставот, кој јасно ја дефинира поделбата на законодавна, извршната и на судската власт и ја гарантира самостојноста на јавниот обвинител како надлежен орган за кривичен прогон – рече Јовески.

Државниот обвинител потенцира и дека ваквата расправа е спротивна и на неколку други закони, особено на Законот за кривичната постапка, со кој се штити тајноста на предистражната постапка и доказите обезбедени на законски начин, а спротивна е и на собранискиот Деловник.

– Член 123 од Деловникот за работа на Собранието вели работните тела не може да имаат истражни или други функции. Во вашиот комисиски деловник, пак, во делот на надлежностите сами сте напишале дека анкетната комисија ќе утврдува дали има политичка одговорност во целиот овој случај. Ниту постапувањето на Јавното обвинителство, ниту најголемиот дел од сведоците, кои секојдневно ги повикувате тука, може да биде предмет на политичка одговорност. Кривичната одговорност, можеби ќе ве разочарам, не е во ваша надлежност – рече Јовески во воведното обраќање пред пратениците.

Тој уверува дека предметот за Онкологија се води темелно и стручно и дека ќе дојде до вистината, без разлика на некои обиди за опструкции. Објасни дека ги следи седниците на Анкетната комисија и се надева дека пратениците кои од говорница рекоа дека имале блиски, кои биле пациенти на Онкологија не го кажале тоа за да докажат колку се засегнати од случајот оти речиси да нема семејство во земјата што не минало низ траумите што ги предизвикува болеста.

– Мојот единствен брат почина на Клиниката за онкологија пред четири години. Во моето најблиско семејно опкружување и сега имам пациент на таа клиника. И ова не го кажувам за да докажувам дека и мене ми е важно да се дојде до вистината, туку затоа што знам дека дури и тој личен факт, кој не треба никого да засега, може да се злоупотреби политички и да фрли сомнеж на непристрасноста на постапката. Никогаш не сум влијаел, нема ниту сега да влијаам на јавните обвинители кои постапуваат. Да бидат сигурни дека апсолутно, како и сите, ми е важно да се дојде до вистината – рече обвинителот Јовески.

Документите и доказите за кои вчера јавно зборуваше лидерот на опозицијата, Јовески смета дека треба да бидат доставени во Обвинителството за да не се дозволи да се компромитира постапката за ситни дневнополитички поени.

– Слушнав дека има нови документи и докази, па ве повикувам да ги доставите во Обвинителството сите докази за кои по собраниски, партиски и други јавни настапи тврдите дека сте ги дознале или ви ги откриле некакви свиркачи. Секој чесен граѓанин треба доказите да не ги чува, да не се фали дека ги поседува, туку веднаш да ги предаде на надлежните органи. И ќе си дозволам само да ви кажам – исказот пред вас и солзите на актуелната директорка многу кажуваат за проблемите со кои се соочува Клиниката, затоа итно како пратеници заложете се да се обезбеди терапија за сите пациенти со оваа тешка болест – рече Јовески.

По неговото обраќање, претседателката на Анкетната комисија Рашела Мизрахи посочи дека „таа е формирана врз основа на членот 76 од Уставот на Република Македонија и членот 118 од Деловникот на Собранието како највисок орган во државата“.

-Улогата на Обвинителството може да ја дискутирате и со нас и со медиумите по прашањата за Беса транс, модуларната болница, која изгоре поради кабел, а на крајот на денот видовте искази на здруженија на граѓани, исто така низ солзи, кои бараат завршница која треба да потекне од вас – рече Мизрахи.

Пратеникот Петар Ристевски од ВМРО-ДПМНЕ праша дали со тоа што не се одредени никакви мерки за чинители во овој случај не се забошотува случајот и се одвлекува вниманието од сведоците и истрагата на што Јовески одговори дека поголем дел од овие прашања се интерес на Обвинителството.

– Јас спомнав дека некаде околу 40-тина лица кои имаат сознанија за конкретниот настан дека Обвинителството има сослушано и можевте да извлечете заклучок дека врз основа на сослушувањата на овие лица Обвинтелството обезбедува оптределени докази во врска со настанот. Ние како Обвинтелство не сме надлежни во делот на политичката одговорност, која ја утвдува оваа Комисија, нас како Обвинителство не интересира кривичната одговорност, а за тоа што содржат овие искази на луѓето кои ние ги имаме сослушано, воопшто не барајте за тоа сега јас да ви зборувам, нема да ги коментирам нивните искази во која насока или кои лица се тие – рече Јовески.

Поврзани содржини