Јовески ги повика обвинителите да се фатат за работа: Нема оправдување за долгите истраги!

Според Јовески, оценката изнесена во Извештајот на Стејт департментот е недвојбено објективна, а бројните предизвици со кои се соочуваат обвинителите во работата не смеат да бидат оправдување за пролонгирање на постапките.

752

Јавниот обвинител Љубомир Јовески од јавните обвинителства во државава побара да направат увид во предметите во кои е детектирано продолжување или пречекорување на роковите за истрага со цел да се утврдат причините за тоа, како и можностите за надминување.

Ова беше побарано  денеска на онлајн состанок со јавните обвинители на кој тема беше последниот извештај на Стејт департментот за состојбата со човековите права во 2020 година, во кој во делот за Македонија се нотира пречекорување на роковите за истраги.






Според Јовески, оценката изнесена во Извештајот на Стејт департментот е недвојбено објективна, а бројните предизвици со кои се соочуваат обвинителите во работата не смеат да бидат оправдување за пролонгирање на постапките.

– Апелирам на одговорност, совесност и чесност со цел враќање на угледот во професијата. Тоа можеме да го направиме само со ефикасност на постапките – истакна Јовески.

Тој побара од сите обвинители да вложат максимални напори за поефикасно гонење на криминалот, а соработката со Министерството за внатрешни работи и со другите институции да се унапреди и да се одржува на високо професионално ниво.

 

– Современиот вид на криминал обвинителството не може самостојно да го истражува, неопходна е меѓуинституционална соработка – истакна Јовески.

Токму соработката со другите институции, покрај  актуелната епидемиолошка состојба во државата, информира Обвиителството, беше наведена како клучен елемент за долгото траење на одредени истражни постапки. Обвинителите се соочуваат со проблеми поради долготрајни вештачења од определени институции, како и со непочитување на законските рокови од одредени институции за достава на бараните податоци. Исто така долготрајна е и постапката на меѓународна правна помош, која е неопходна за обезбедување докази во определени предмети, велат од ОЈО.

За да се надминат овие проблеми, јавниот обвинител, ќе иницира средби со надлежните институции од кои ќе побара нивно екипирање и навремена достава на податоците неопходни во истрагата. Дополнително, од членовите во работната група за претстојните измени на Законот за кривична постапка од редовите на Јавното обвинителство беше побарано да го дадат својот максимум со цел во новите законски одредби да се надминат проблемите и недостатоците кои во моментов придонесуваат за долготрајност на постапките, велат од ОЈО.​

Поврзани содржини