ОВА ЛИЧИ НА БАШИБОЗУК Доктор Даниловски за состојбите во дел од здравството
За рекордната смртност на ковид болните докторот вели дека треба да се направи анализа.
Бидејќи и јас без министер на времето, би постапил како што постапи заменик-министерот за здравство, Илир Хасани и веднаш ќе поднесев оставка, вели проф. д-р Драган Даниловски за емисијата на ТВ 21 во која говореше за оставките по пожарот во тетовскиот кови центар и за менаџирањето во здравство.
Даниловски смета дека присуството на цивили во ковид болницата, е поради отсуство на правилен и квалитетен менаџмент.
– Тој треба да се состои од планирање на ресурси и анализа на состојбата. Дошле роднините таму. Па нема друго решение. Или ќе умре за вода или ќе стисне заби член на семејството за да му се најде на болниот. Тоа е кикс во менаџментот – додава Даниловски.
Според него, карактеристика на добар здравствен менаџмент е отчетност и одговорност.
– Не може директор на болница да не му полага сметки на првиот човек во здравствениот сектор. Кај нас ова личи на башибозук, никој на никого не одговара и знае дека нема да одговара и прави што сака. Факт е дека општата состојба на нашево население е под секја критика – вели Даниловски.
За рекордната смртност на ковид болните докторот вели дека треба да се направи анализа.
– Ние сме во врвот во светот по смртност од ковид -19, треба да се прават анализи кои се факторите за големата смртност кај нас, преголема смртност на оние што се хоспитализирани, кај нас околу 40 отсто, во САД е под 10 отсто. Зошто толку стапката на смртност е голема во однос на инфицираните – вели Даниловски.