„ОВДЕ НЕМА НИТУ ЕДЕН ЧОВЕК, НИКОЈ НЕ ПОМАГА!“ Турците гневни, бавно им пристигаат помошта и спасувачите

Снег врне, бездомници сме, без ништо! Што да правам, каде да одам - вели за Ројтерс Мурат Алинак, чиј дом во Малатија се урнал.

388

Турските граѓани од подрачјата погодени од земјотресите се гневни од, како што велат, бавниот и несоодветен одговор на државата и неефикасноста да им помогне на преживеаните да се справат со проблемите. Спасувачи има малку, а хуманитарната помош не успева да пристигне во некои региони. На спасувачките екипи им пречи студот и уништената патна инфраструктура.

– Овде нема ниту еден човек, никој не помага! Снег врне, бездомници сме, без ништо! Што да правам, каде да одам – изјави за Ројтерс Мурат Алинак, чиј дом во Малатија се урнал.






Жителите на градот Газиантеп наведуваат дека 12 часа по земјотресот не пристигнала ниту една спасувачка екипа и дека морале сами да ги пребаруваат урнатините, а кога конечно дошле спасувачите во понеделникот вечерта, работеле само неколку часа, зашто се стемнило – пишува „Гардијан“.

Многумина во погодените региони ја минаа ноќта во автомобили или на улиците покриени со ќебиња, исплашени да се вратат во своите домови, стравувајќи од нови потреси.
– Каде се шаторите, каде се камионите со храна? Досега тука немало дистрибуција на храна, за разлика од претходните катастрофи во нашата земја. Го преживеавме земјотресот, но ќе умреме од глад и студ – прашува 64-годишната Мелек од Антакија, додавајќи дека се уште не видела спасувачки тимови.

Многу Турци го искажуваат својот гнев на социјалните мрежи. Тие велат дека владиниот одговор на итната состојба во најјужната провинција Хатај е несоодветен, а некои велат дека во оваа област спасувачите воопшто не успеале да стигнат. Во Хатај земјотресот срамни со земја неколку владини згради, вклучително и локалниот огранок на турската Агенција за помош при катастрофи.

Многумина ја обвинуваат владата за лошите стандарди во градењето, што придонесе многу згради да се урнат до темел, иако се нови, и би требало да се изградени асеизмички. За таа намена пред повеќе од 20 години турската влада воведе земјотресна такса“. Планот беше од таа такса да се соберат и да се инвестираат околу 4,5 милијарди евра во превенција од катастрофи и развој на служби за итни случаи. Но, сега се гледа дека ништо од тоа не е направено.

– Каде отидоа сите наши даноци собрани од 1999 година наваму – прашува 61-годишниот Џелал Дениз, чие семејство останало заробено под урнатините.

 

EPA-EFE/ERDEM SAHIN

 

Според сегашните податоци, повеќе од 9.000 луѓе загинале, илјадници се повредени, а бројките постојано растат. Турскиот претседател Таип Ердоган прогласи вонредна состојба во 10 провинции, која ќе трае три месеци.

 

 

 

 

 

 

 

 

Поврзани содржини