Овде држава, едноставно, нема!

Не барајте овој народ да ја сака и да ја почитува државата. Тоа е невозможно. Ќе зема бугарски пасоши и ќе бега подалеку од тука.

6,495

Целосна нефункционалност на системот. Таква е фактичката состојба во Нашата земја.

Оние што се платени да воспостават функционален систем, не знаат, не можат и не сакаат тоа да го направат. Ама знаат да земат годишен одмор и да тераат плажа без никакво чувство на одговорност и без грижа на совест што не си ја завршиле работата за која се платени.






Утре ќе бараат и глас од вас, а вие ко глупи ќе им го дадете.

Немањето систем значи дека немаме држава која е сервис на граѓаните и која што се грижи за нив, им ги сервисира потребите и им овозможува достоинствен живот. За возврат, граѓаните плаќаат даноци од кои се финансира работењето на тој систем. Кај нас тоа го нема, плаќаме даноци, а парите одат за плати на гломазната и нефункционална администрација. Одат и за предизборен поткуп на таа иста администрација.

Што е тоа што не чини, а што треба да чини за да може да се наречеме држава? Да одиме со ред.

Нема лични карти.

Нема регистарски таблички.

Нема пасоши.

Нема свидетелства во школите.

Нема противпожарни возила.

Нема амбулантни возила.

Нема дијагностика (ПЦР, крвна слика, д-димери, рентген) и лечење (витамински додатоци, лекови) на ковид болните на државен трошок како секаде во нормалниот свет. Сè се плаќа приватно, од џеб. Знам од прва рака, затоа што и јас поминав низ таа голгота.

Нема функционално здравство. Се чека со месеци за испитувања и операции.

Нема функционално образование. И пред короната Кембриџ системот беше тешко промашување. Сега имаме онлајн импровизација со несоодветни учебници и наставна програма, со нефункционална Национална образовна платформа и со лаптопи купени од сопствени пари. Оти нели, образованието е задолжително и бесплатно.

Нема правосудство. Корумпирано и киднапирано е исто како порано. Всушност, никогаш и не било слободно. Законите важат само за оние за кои смеат да важат. Другите се недопирливи.

Урбаната мафија го забетонира градот, а тие што треба да го заштитат, шуруваат со неа и делат профити.

Не се санкционираат загадувачите, на сите страни има депонии и ѓубре.

Се легализираат дивоградби насекаде, голем дел од нив колективни станбени објекти и хациенди. Поимот дивоградба не постои во англискиот речник, на пример.

Се делат субвенции по партиски и пријателски клуч. Тоа во нормални земји се вика корупција.

Сите тендери во државава се наместени.

Има уште многу да се реди…

Автопат што се гради 10 години и абер нема да се заврши. Во меѓувреме е непрописно обележан со сигнализација и е опасен за возење.

Железница кон Бугарија што се гради 30 години со возови стари 50 години.

Понижувачки ниска социјална помош недоволна за кучешки живот, студентски домови во очајна состојба, масовно сечење на шумите низ цела држава, нефункционални колекторски системи и испуштање на фекалиите и отпадот во реките и езерата, вработувања исклучиво по партиски и рамковен клуч…

Крај нема другари. Не е малку тоа што не чини, многу не чини. И нема да чини со овие што ниту сакаат, ниту знаат поинаку. А и тие пред нив не направија ништо за да биде поинаку, туку напротив.

Не барајте овој народ да ја сака и да ја почитува државата. Тоа е невозможно. Ќе зема бугарски пасоши и ќе бега подалеку од тука.

Овде држава, едноставно, нема!

(ФБ статус на авторот)

 

Поврзани содржини