Јовановски: Нема компанија која нема да биде погодена од кризата, потребна е финансиска инјекција
Прва на удар сега е автомобилската индустрија.
Нема конкретни податоци за загубите кои ќе ги имаат компаниите поради мерките на Владата за справување со состојбата со коронавирусот во земјава, но познато е дека нема сектор во кој нема да се почувствуваат последиците. Компаниите ќе се обидат да ги задржат работниците, но тоа ќе зависи од состојбите и мерките кои ќе ги презема владата за помош на компаниите, бидејќи и во наредниот период се очекуваат негативни последици.
Ова беше речено на денешната прес-конфернеција во Стопанската комора на која беа презентирани резултатите од анкетата спроведена од 13 до 17 март со учество на 115 претпријатија од скоро сите сектори.
Според Зоран Јовановски од Комората, се прошируваат секторите кои ќе имаат последици од заштитните мерки на владата, но и од целокупната состојба со коронавирусот.
– Прва најава дојде од компаниите од автомобилската индустрија. Нивните мајки во Германија нема да работат, оттука и компаниите во земјава остануваат без работа. Работниците ќе бидат задржани, но не се знае до кога бидејќи тоа ќе зависи и од мерките кои ќе ги преземе владата – рече Јовановски.
Тој рече дека анкетираните компании рекле дека поради мерките на владата – отсуство на работници од работа поради дете и реструктуирањето на работењето имаат бруто финансиски издаток од 120.000 денари до 4 милиони денари зависно од големината на компаниите само за плати, а поради реорганизацијата дополнителни трошоци имале 35 отсто компаниите.
Загубите од забавениот транспорт за увоз-извоз и поради откажување на работата од странските партнери половина од анкетираните компании ги чинеле 748 милиони денари.
– Проценката е дека трошоците ќе растат и затоа е потребна интервенција на владата – рече Јовановски.
Ва вакви услови, рече Јовановски, трошоците треба да се распределат.
– Потребна е финансиска инјекција во стопанството. Ако има во буџетот пари тогаш добро, ако не државата треба да се задолжи. Радоследот на земање на финансиските средства ќе оди по линија на достапност по најниска цена. ММФ, Светска банка, европските фондови сите имаат пари на располагање – рече Јовановски.
Според него, моментано најлоша варијанта на задолжување е преку еврообврзница и таа треба да биде последна варијанта.
Стопанската комора во наредниот период ќе има прес-конференции секој ден.