Јовановски: Комората не коментира мерки предложени од партиите, туку само од владата

Тој го поздрави формирањето на Економски совет за разгледување на мерките кои треба да ги преземе владата во економијата.

986

Стопанската комора дава коментар само на официјалните владини мерки и не ги коментира предложените мерки од политичките партии дадени изминатиот викенд, изјави денеска во видеобраќањето до јавноста и компаниите Зоран Јовановски, главниот  советник на Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија за економски прашања.

– Сепак, охрабрува тоа што очигледно во земјава се постигнува широк консензус во перцепциите дека постојнава ситуација бара длабоки и сеопфатни мерки. Во оваа прилика сакаме да ѝ порачаме на Владата дека какви економски мерки и да донесе, најдобро би било тие да немаат одложено дејство од април, туку мерките да бидат со важност веднаш – рече Јовановски.






Тој го поздрави формирањето на Економски совет за разгледување на мерките кои треба да ги преземе владата во економијата.

– Разновидноста на составот на присутните на седницата, присуството на претставници на власта и на опозицијата, присуството на носителите на економските политики, присуството на претставници на академската заедница, на стопанските комори, на бизнис заедницата, како и на експертската заедница, секако создава добра основа да се слушнат широк дијапазон на ставови и предлози коишто можат да помогнат за полесно справување со економските последици од ситуацијата предизвикана од корона вирусот Ковид 19 – рече Јовановски.

Тој изрази надеж дека ваков состав на Економскиот совет нема да се одржуваат само во услови на криза туку ќе станат редовна практика  и кога македонската економија ќе се врати во нормала.

Јовановски во денешното видеобраќање ги информира компаниите кои организираат повеќесменско работење дека Стопанската комора изработила образец за издавање на Дозвола за движење на вработен поради вршење на сменска и ноќна работа кој можат да го најадат на интернет страницата на Стопанска Комора на Македонија (www.mchamber.mk) .

– За да биде валиден овој образец, компаниите регистрирани за работа во смени и ноќна работа кои работат во трета и четврта смена во времетраење на полицискиот час, треба овој образец да го пополнат со потребните информации за работникот, да го вчитаат на нивен меморандум и да стават потпис и печат од одговорното лице во правното лице. Ваквата дозвола за движење ќе важи исклучиво за лицето на чиешто име е издадена исклучиво од компаниите кои се регистрирани за работа во смени. Дозволата ќе биде потврда за движењето на работникот во услови на воведен полициски час и истата ќе треба да се приложи на увид до органите на државата – појасни тој.

 

 

Поврзани содржини