Јовановски: Имав поддршка од Заев, Царовска и од Спасовски, а Кирацовски организираше средба во Битола
Средбата која се одржа во Битола со градоначалничката ја организираше Александар Кирацовски и на истата имаше неколку присутни лица, истакна Бојан Јовановски денеска во Кривичниот суд, на рочиштето за судскиот предмет „Меѓународен сојуз“.
Во овој процес обвинети се Бојан Јовановски – Боки 13, Јасна Мандиќ, Фросина Ременски, Миле Јовановски и Христина Блажеска, за кривичните дела „измама“ и „перење пари“.
Јовановски рече дека проектите за старечки домови, кои според Обвинителството се фиктивни, всушност се реални, со договори потпишани и донесени на собрание на невладината организација Меѓународен сојуз“, проекти прераснати во платформи.
– Поддршка имав и од Мила Царовска, тогашната министерка за социјала, од Оливер Спасовски, а бевме на прием и кај експремиерот Зоран Заев. Ние, всушност, функцииниравме како министерство за социјала, згрижувавме деца и сега некој мојата хуманост ќе ја доведува во прашање? Никогаш не сме го злоупотребиле буџетот на Македонија, а парите кои подоцна се уплаќани на 1ТВ се легални. Средствата на бизнисмените Мицевски и Амзоски не се уплатени на сметката на Меѓународен сојуз, туку на приватна сметка. Што се тие, мали бебиња за да ги измами некој? – изјави Јовановски.
Тој тврди дека соработката на бизнисмените се случила преку посредници.
– Бизнисменот Амзоски, доколку не се сретнеше со Александар Кирацовски, немаше да го прифати проектот – рече Јовановски и додаде дека Мила Царовска ја донела авторката на проектот, Лилјана Тодоровска, кај него.
Тој објасни дека имало наменски меморандум за спроведување на проектот „Европски центар за возрасни лица и мобилен сервис“.
– До последниот ден на моето апсење Европскиот центар требаше наместо во Битола да биде спроведен кај касарната „Партизан“ во Дојран, за што Силјан Мицески и Александср Кирацовски остварија средби со градоначалникот – рече Јовановски.