ЈОВАНА МОЈСОСКА ВО ТРКА ЗА СТРУГА Левица со кандидати и во Тетово и во Гостивар

Левица со порака: Единствени излегуваме со сопствени кандидати во западна Македонија, против „политички пазарења и федерализација“.

394

Левица денеска објави дека ќе настапи со сопствени кандидати за градоначалници во општините Струга, Тетово и Гостивар, позиционирајќи се како единствена парламентарна партија од македонскиот политички блок која ќе има независни кандидати во овие општини.

Мојсоска кандидат за Струга






Во Струга, партијата ја кандидира пратеничката Јована Мојсоска, која воедно е и генерален секретар на Левица. Таа изјави дека влегува во трката со јасна цел – заштита на јавниот интерес и решавање на клучните проблеми на граѓаните.

– Струга заслужува да биде град во кој јавниот интерес е на прво место, а граѓаните да имаат чиста и отчетна локална власт. Како пратеничка и како човек, мојата должност е да ја бранам Струга од политички пазарења и да понудам вистински решенија – изјави Мојсоска.

Божиновска во Тетово

Кандидатка на Левица за Тетово е д-р Катка Божиновска, доктор на правни науки и универзитетски професор на Државниот универзитет во Тетово.

– Тетово мора да се врати на патот на законитоста, правдата и вистинското владеење на правото. Левица ќе понуди транспарентно и чесно управување, насочено кон интересите на граѓаните – порача Божиновска.

Грујоски кандидат во Гостивар

Во Гостивар, кандидат е ИТ-специјалистот Дарко Грујоски, кој, според Левица, ја претставува новата генерација професионалци.

– Време е Гостивар да добие модерна и транспарентна локална самоуправа, која со технолошки решенија ќе ја подобри ефикасноста на јавните услуги – изјави Грујоски.

Апел до граѓаните

Партијата ги повика граѓаните на масовна мобилизација.

„Нашите кандидати се луѓе со кредибилитет, знаење и професионални компетенции. Ќе управуваме со општините врз основа на идеологија и програма, а не врз етнотрибализам, клиентелизам и корупција“, порачаа од Левица.

Поврзани содржини