„ОВАА ВЛАСТ НЀ ВОДИ ВО ДЛАБОКА КРИЗА“ Според Филипче, СДСМ ги сочувал македонскиот јазик и идентитет, а ВМРО-ДПМНЕ ги загрозува
Секој нов пораз во надворешната политика, Владата го оправдува со сè подраматични и празни прес-конференции, обвинувајќи ги другите за сопствениот неуспех. Антинационалните политики на ВМРО-ДПМНЕ, со кои се обидуваат да го загрозат нашиот јазик и идентитет за сопствени политики се срамни, се понижувачки и се спротивни на здравиот разум, вели Венко Филипче, претседател на СДСМ.
Оваа власт нè води во длабока криза, рече денеска претседателот на СДСМ, Венко Филипче, кој смета дека Извештајот на Европскиот Парламент од кој беа избришани македонскиот јазик и идентитет, не го загрозува посоењето на Македонскиот јазик и идентитет. Тој го оцени вчерашното обраќање на премиерот Христијан Мицкоски како празна прес-конференција и го обвини ВМРО-ДПМНЕ за антинационални политики.
– По маратонските губитнички прес-конференции на премиерот Христијан Мицкоски време е јасно и недвомислно да проговориме за вистинската состојба во која власта ја донесе државата на меѓнароден, а со тоа и на внатрешен план. Одлуката на Европскиот Парламент и усвјувањето на извештајот се резултат на застранување од јасно утврдените стратешки позиции на државата и злоупотребата на јазикот и на идентитските прашања од страна на Владата, за сопствена политичка кампања. Тоа е директен резултат на дипломатските импровизации и целосна негрижа на Владата за зачувување на меѓународните позиции на државата. Секој нов пораз во надворешната политика, Владата го оправдува со сè подраматични и празни прес-конференции, обвинувајќи ги другите за сопствениот неуспех. Антинационалните политики на ВМРО-ДПМНЕ, со кои се обидуваат да го загрозат нашиот јазик и идентитет за сопствени политики се срамни, се понижувачки и се спротивни на здравиот разум на секој што ја сака оваа земја – рече Филипче.
Она што е прво и најважно да се каже е дека извештајот на ЕП не е извештај за постоењето на македонската нација, македонскиот јазик или македонскиот идентитет, рече Филипче.
– Македонскиот јазик и идентитет се јасно дефинирани и заштитени. Никој не може да ги допре или да им наштети. На македонски се преведува во ЕУ, на македонски се потпишуваат договорите меѓу ЕУ и Македонија, на македонски се говори во Унијата. Ова го гарантира преговарачката рамка – рече Филипче.
Со ова, додаде, европските институции веќе ја признаваат македонската реалност и ваквите прашања не се предмет на преговарање, туку се веќе решени и обезбедени.
– Во својот мандат, СДСМ успешно ги отфрлаше обидите македонскиот јазик да биде исклучен од извештајот затоа што имавме пријатели и стратешки партнери кои гледаа дека искрено се бориме за ЕУ-интеграција. Нашите стратешки партнери ја препознааискрената борба, чесните намери и волја за ЕУ-интеграција, но и јасните црвени линии. Ние знаеме кои сме, на кој јазик говориме и токму тоа го загарантиравме со договорите – истакна Филипче.
Вадењето на јазикот од извештајот е пораз на владината дипломатија, која не успеа да подобри ништо од позициите кои ги наследи, туку како со булдожер ги сруши, рече тој.
– Тие ги срушија нашите европски перспективи и го изложија нашиот народ на потсмев, правејќи го целосен губитник. Македонскиот народ има јасна визија и силна волја да се интегрира во ЕУ, но без отстапки од своето национално достоинство и идентитет, додаде тој. Нашата борба и визија беа јасни: да го заштитиме јазикот и идентитетот и што поскоро да влеземе во ЕУ како Македонци кои говорат македонски јазик. Ова во ниеден момент не беше, ниту пак е, загрозено сега. Македонскиот јазик е безбеден, идентитетот е безбеден. Но македонската интеграција во Унијата е сè подалечна поради политиките и изборите на власта – рече Филипче.