ОВАА ПОЈАВА МОРА ВЕДНАШ ДА СЕ ИСКОРЕНИ И на градоначалниците им збоктиса од дојавите за бомби
Апелирам и барам, надлежните институции да преземат итни и неодложни чекори и мерки со цел оваа појава час поскоро да запре. Недозволиво е вакви појави веќе подолг период да ги вознемируваат учениците и родителите, напиша градоначалникот на Оштина Гази Баба, Бобан Стефковски.
Бројот на училишта до кои денеска до 11 часот се пристигнати дојави за бомби се зголеми на 66 во Скопје и едно училиште во Прилеп. Дојава е упатена и до една скопска детска градинка.
Поради ова, повеќето скопски градоначалници соопштија дека дечињата навремено се евакуирани и побараа од властите искоренување на овој проблем.
Градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, во објава на својата официјална страна на Фејсбук информира дека се пристигнати дојави за бомби во сите 11 училишта на територија на општина Гази Баба.
„Во овој момент ме информираа дека во сите 11 општински основни училишта на територија на општина Гази Баба има пристигнато дојави за поставени бомби. Од страна на директорите на училиштата веднаш се спроведени протоколите за евакуација на учениците и сите дечиња во овој момент се надвор од училишните згради и се на безбедно. За пристигнатите дојави е пријавено во надлежните институции и се очекува да започнат проверките на терен“, напиша Стефковски.
Тој апелираше и побара од институциите да се преземат сите чекори час поскоро, затоа што ова веќе подолго време ги вознемирува учениците и родителите.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, на својот Фејсбук профил повика на смиреност, откако во неговата општина беа пријавени дојави за бомби во седум училишта.
„На електронските пошти на основните училишта во Центар, ООУ ‘Ј.Х. Песталоци’, ООУ ‘Коле Неделковски’, ООУ ‘Димитар Миладинов’, ООУ ‘Гоце Делчев’, ООУ ’11 Октомври’, ООУ ‘Кирил и Методиј’, ООУ ‘Кочо Рацин’ стигнала порака за поставена бомба. Единствено нема потврда за ООУ ‘Киро Глигоров’ во населбата Капиштец. Случаите се пријавени во полиција и евакуирани се учениците, наставниот и останатите вработени во училиштата. Полициски службеници вршат антитерористички проверки. Искрено се надевам дека конечно оваа серија лажни дојави на поставени бомби, кои сериозно не вознемируваат ќе заврши и ќе се открие кој стои зад нив. Уште еднаш повикувам на смиреност и следење на протоколите во овие ситуации“, напиша Герасимовски.
Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, на својот Фејсбук профил објави дека се спроведени протоколите за евакуација на учениците и цел образовен кадар.
„Во сите општински основни училишта во Ѓорче Петров има пристигнато дојави за поставени бомби. Спроведени се протоколите за евакуација на учениците и цел образовен кадар. Сите во моментов се наоѓаат на безбедни локации. Очекувам експресна реакција од надлежните служби за јавен ред и мир и безбедност и истовремено најостро го осудувам овој чин. Апелирам што поскоро надлежните институции да преземат итни чекори. Оваа појава мора веднаш да се искорени. И децата и родителите се вознемирени, а дојавите за бомби, за жал, ни станаа секојдневие“, напиша Стојкоски.