„ОВАА КНИГА ЈА НАЈДОВМЕ ВО БОЛНИЦАТА“ Израелскиот премиер негира дека 36 бебиња се во смртна опасност во Ал-Шифа

Ниту една од болниците во северниот дел на Појасот Газа не е функционална, а во најголемата од нив, Ал-Шифа, животите на 36 новороденчиња во инкубатори се во опасност поради немање струја и гориво. Израелскиот претседател Исак херцог ги демантира наводите велејќи дека „сè работи“.

1,126

Израелскиот претседател Исак Херцог негираше дека Израел ја напаѓа Ал Шифа, најголемата болница во Појасот Газа. Тој за Би-Би-Си изјави дека во болницата „сè работи“ и дури покажа слика од контроверзната книга „Мајн Кампф“ на Адолф Хитлер за која тврдеше дека наводно била откриена внатре во болницата.

Додека извештаите на персоналот и на СЗО сугерираат дека болницата е без струја и дека, според Гардијан, 36 бебиња кои се во инкубаторите се во опасност, Херцог го демантираше сето ова.

– Ние го негираме ова, има многу спинување од Хамас… но има струја во Шифа, сè работи – рече тој за Би-Би-Си.

Според Херцог, некои луѓе во групата Хамас „повторно и одново ја научиле идеологијата на Адолф Хитлер за мразење на Евреите“.

Тој рече и дека детска соба во болницата била претворена во база на Хамас. Израелските одбранбени сили тврдат дека Хамас ја користи болницата Ал-Шифа и околното маало како штаб и  дека војници на групата се кријат под објектите. Групата Хамас ги демантираше овие наводи.

 






Последниот генератор остана без гориво во саботата, што доведе до смрт на три предвремено родени бебиња и четворица други пациенти, според палестинското Министерство за здравство.

Портпаролот на Министерството за здравство, Ашраф ал-Кидра, изјави за Ал Џезира дека горивото нема да биде доволно за да работи генераторот еден час. „Ова е потсмев кон пациентите и децата“, рече Ал-Кидра.

Генералниот директор на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејесус, на платформата на социјалната мрежа Икс изјави дека Ал-Шифа е без вода три дена и „повеќе не функционира како болница“.

Израелската војска тврди дека ставила 300 литри гориво во близина на Ал-Шифа во текот на ноќта за генератор за итни случаи што ги напојува инкубаторите за предвремено родени бебиња и го координирала породувањето со болничките службеници.

Ниту една од болниците во северниот дел на Појасот Газа не е оперативна, соопшти утрово Министерството за здравство управувано од Хамас, додека се водат интензивни борби меѓу израелските војници и милитантите на Хамас.

Јусеф Абу Риш, заменик-министер за здравство во Појасот Газа, управуван од Хамас, изјави дека сите болници на северот од енклавата „не работат“.

 

📽 ВОЈНИЦИ НА ХАМАС СЕ КРИЈАТ ПОД БОЛНИЦА ВО ГАЗА? Израел обвинет дека ја гранатирал Ал Шифа, се појавија снимки

 

Поврзани содржини