Британските научници од Кралскиот колеџ во Лондон анализирале податоци од апликации користени за следење на симптомите кај лица заразени со коронавирус. Истражувањата покажале дека постојат шест типа на болеста ковид-19. Секој тип има свој сет на симптоми.
Истражувачите откриле дека овие шест типа се поврзани со нивото на сериозност на инфекцијата и веројатноста пациентот да има потреба од помош при дишење – како што е третман со кислород или респиратор, доколку бидат хоспитализирани.
Студијата, објавена на интернет на 16 јуни, покажува дека постојат следниве видови ковид-19:
Тип 1, како грип без треска: главоболка, губење на чувството за мирис, болки во мускулите, кашлица, болки во грлото, болка во градите, без треска.
Тип 2, како грип со треска: главоболка, губење на чувството за мирис, кашлица, болки во грлото, засипнатост, треска, губење апетит.
Тип 3, гастроинтестинално заболување: главоболка, губење на чувството за мирис, губење апетит, дијареја, болки во грлото, болка во градите, без кашлица.
Тип 4, тешка форма на грип без треска: главоболка, губење мирис, кашлица, треска, засипнатост, болка во градите, замор.
Тип 5, тежок грип со треска: главоболка, губење мирис, губење апетит, кашлица, треска, засипнатост, болки во грлото, болка во градите, замор, конфузија, болка во мускулите.
Тип 6, тешка форма на абдоминално и респираторно заболување: главоболка, губење мирис, губење апетит, кашлица, треска, засипнатост, болки во грлото, болка во градите, замор, збунетост, болка во мускулите, скратен здив, дијареја, болки во стомакот.
Според студијата објавена на веб-страницата на „Кингс колеџ“, која ја пренесува Ројтерс, пациентите од типови 4, 5 и 6 се со поголема веројатност да бидат хоспитализирани и да им е потребна респираторна поддршка.
Студијата исто така покажува дека луѓето со симптоми од групите 4, 5 и 6 биле постари и ранливи, со прекумерна тежина и имале други хронични заболувања, во споредба со луѓето кои развиле типови 1, 2 и 3 од ковид-19.
Резултатите од ова истражување би можеле да им помогнат на лекарите да предвидат кои пациенти се со најголем ризик и на кои од нив ќе им биде потребна болничка нега во некои од следните бранови на епидемијата.