Ова се кандидатите за нов српски патријарх, но само еден владика ќе седне на тронот

Како што пишуваат српските медиуми, поради староста на голем број владици, процедурата за избор на новиот патријарх ќе биде често прекинувана и ќе трае подолго од очекуваното.

1,379

Во текот на денешниот ден, а најдоцна утре, црковните ѕвона ќе огласат дека е избран новиот патријарх на Српската православна црква (СПЦ). Очекувањата се изборот на новиот патријарх, кој ќе се прави во црквата Свети Сава во Белград, да биде направен во братска атмосфера.

Како што пишуваат српските медиуми, поради староста на голем број владици, процедурата за избор на новиот патријарх ќе биде често прекинувана и ќе трае подолго од очекуваното.






Инаку, во игра за избор на нов наследник на покојниот патрихарх Иринеј се вкупно 34 владици, но само 7 од нив се фаворити.

Владика Лаврентиј – 86 години

Многу почитуван владика во СПЦ. Со години живеел во странство. Зборува англиски, германски и руски јазик. Посветил големо внимание на обновување и градење нови цркви. Со негова заложба, моштите на Светиот владика Николај се пренесени од Америка во Србија.

Владика Иринеј Буловиќ – 73 години

Важи за најголем фаворит за нов патријарх. Исклучително влијателна личност во црковните кругови, неговиот збор секогаш се слуша. Зборува грчки, италијански, германски, руски и француски јазик. Долго време е портпарол на СПЦ.

Владика Јован – 70 години

Изградил повеќе цркви додека живеел во САД. Во моментов е на чело на една од епархиите кои имаат најмногу верници во СПЦ. Почитуван е во црковните кругови.

Митрополит Хризостом – 69 години

Митрополитот добробосански ја врши функцијата поглавар на СПЦ до изборот на новиот патријарх. Порано беше епископ бихачко-петровачки и зворничко-тузлански, а најмногу му замеруваат поради напуштањето на епархијата за време на војната. Зборува грчки јазик, а се служи и со руски и со француски.

Владика Јоаникиј – 61 година

Верниците и најголемиот дел од јавноста многу повеќе го гледаат како наследник на неодамна починатиот митрополит Амфилохиј, отколку за наследник на патријархот Иринеј.

Митрополит Порфириј – 59 години

Влијателен е. Бил игумен на манастирот Свети Архангел во Ковиљ. Посебно се ангажирал за лекување на зависници. Во 2005 година ја формирал заедницата „Земја на живите“, каде што се лекуваат зависниците.

Владика Григориј – 53 години

Има големи амбиции, но многу е тешко да стане нов патријарх. Прогресивен е, но во голема немилост на властите во Србија.

Каква е процедурата за избор на нов патријарх?

Времетраењето на изборниот собор не е ограничено и теоретски може да трае повеќе дена. Патријархот се бира преку тајно гласање. Во најтесниот избор влегуваат владиците кои добиле повеќе од половина гласови од членовите на изборниот собор. Гласањето се повторува сè додека не се изберат тројца кандидати со потребниот број гласови. Имињата на тројцата владици се ставаат во посебни коверти. Ковертите се запечатуваат и се ставаат во Светото писмо, кое се носи во олтарот на црквата. По посебна молитва, најугледниот монах извлекува едно од трите запечатени коверти. Ковертот го предава на претседавачкиот собор, кој го отвора и го соопштува името на новиот српски патријарх.

Поврзани содржини