ОВА НЕКА НИ БИДЕ ПОСЛЕДЕН АЛАРМ Гаши вели дека трагедијата во Кочани треба да ги отрезни институциите
Претседателот на Собранието порача дека е крајно време да определиме приоритети во државата и да не се делиме по идентитети „зашто се уморивме од тоа“. Како што рече, секој се гледа во потенцијален иден ризик и ова треба да биде последен аларм што треба да нѐ отрезни.
На Донаторската вечер со телефонски јавувања на ТВ Канал за помош на настраданите во трагедијата во Кочани, гостуваше претседателот на Собранието Африм Гаши, кој од студиото упати пораки за обединување, нагласувајќи дека „тагата и болката сите нѐ боли“ и дека треба „да сочувствуваме и да се солидаризираме“.
Гаши порача дека е крајно време да определиме приоритети во државата и да не се делиме по идентитети „зашто се уморивме од тоа“. Како што рече, секој се гледа во потенцијален иден ризик и ова треба да биде последен аларм што треба да нѐ отрезни.
– Пред сè сме луѓе и заеднички треба да ги градиме институциите. Лично донирав, но мислам дека треба да ги поттикнеме сите граѓани колку што можат да донираат и како општество да реагираме на тој начин и нашите институции да се стават во функција на ситуацијата. Да го дадеме целиот капацитет, а тој не е мал, зашто имаме одлични професионалци, меѓу кои се и докторите. Ако така реагираме, убеден сум дека одговорот ќе биде добар и ќе има утеха за оние кои ги изгубиле најблиските иако тагата не може да ја надоместиме – рече претседателот на Собранието .
Во врска со реакции во јавноста зошто Собранието, покрај минатата, не работи и оваа седмица, Гаши одговори дека Собранието работело и претходната и оваа недела, но немало пленарни и комисиски седници во знак на почит. Тоа, рече, било договорено на координација т.е. на состанок на координаторите на пратеничките групи.
– Нема седници во знак на почит, за да нема дефокус и да отвораме други теми на политикантство и дневна политика од кои граѓаните ќе се згрозат. Сакавме да покажеме солидарност и емпатија – рече претседателот на Парламентот.
Собранието не донирало како институција за помош по несреќата во Кочани туку одлучиле, рече, „секој пратеник да донира по своја волја и совест“.
– Но уверен сум дека веќе донирале и ги повикувам оние што не донирале, тоа да го сторат – рече Гаши кој учествуваше на Донаторската вечер на ТВ Канал 5.