ОВА НЕ ГО СМЕТАМ ЗА МОЈА СУСПЕНЗИЈА, ТУКУ ЗА СУСПЕНЗИЈА НА ПРАВОТО Русковска поднесе жалба до Советот на јавни обвинители

Сакам да кажам дека ова не го сметам за суспензија на Вилма Русковска, туку го сметам за суспензија на правото, односно за суспендирање на правото во државата, истакна суспендираната јавна обвинителка Вилма Русковска.

669

Обвинителката Вилма Русковска денеска ја поднесе жалбата до Советот на јавни обвинители поради суспензијата што ѝ беше изречена од страна на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески.

Во изјава за медиумите таа истакна дека суспензијата всушност не е за Вилма Русковска, туку за правото.






– Само што ја доставив жалбата до Советот на јавни обвинители, па членовите сега треба да се запознаат со содржината на жалбата со која ги побивам наводите во Решението за суспензија. Сакам да кажам дека ова не го сметам за суспензија на Вилма Русковска, туку го сметам за суспензија на правото, односно за суспендирање на правото во државата. И без разлика на тоа што имаше соопштение дека предметите кои ги водам ќе продолжат со несмален интензитет, сепак не верувам дека било кој мој колега ќе продолжи да постапува по нив по сето ова што ми се случува мене – изјави Русковска.

Во однос на тоа дали смета дека политиката стои зад нејзината суспензија, бидејќи, „чепнала каде што не треба“, Русковска вели дека не сака да верува во тоа.

Таа ги повика новинарите да истражат и да откријат.

– Професорот Калајџиев инсинуираше дека политиката е замешана во мојата суспензија, но јас не би сакала да поверувам дека некој политичар стои позади сето ова. Јас би ве повикала вас новинарите да истражите кој стои позади ова – рече Русковска.

За претресот на 18 јули во Управата за финансиска полиција, директорот Арафат Муареми на 8 август годинава поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против сите обвинители за кои тие сметаат дека постојат основи на сомнение за сторени кривични дела при постапување.

Републичкиот јавен обвинител, врз основа на член 81 од Законот за јавното обвинителство, донесе Решение за оддалечување од функцијата на шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Русковска додека трае кривичната постапка поведена по поднесена кривична пријава против неа.

Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, како што информираа од ЈОРСМ, поднел предлог за поведување дисциплинска постапка за утврдување одговорност на тројца јавни обвинители, за кои постои сомнение дека намерно и неоправдано направиле крупна професионална грешка со што сториле тешка дисциплинска повреда.

Поврзани содржини