„ОВА НЕ Е ПЛАН НА ХАРТИЈА, ОВА Е ШАНСА ЗА СЕКОГО“ Владата отвора порти за нови бизниси и нова иднина
Како што соопшти Министерството за економија и труд, рекордни 40 милиони евра се обезбедени од државата за поддршка на над 10.000 граѓани, кои сакаат да најдат работа, да отворат сопствен бизнис или да се обучат за конкретна професија.
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска ја посети Општина Желино, каде што заедно со директорот на Агенцијата за вработување, Селајдин Белули, се сретна со граѓани, локални бизнисмени и претставници на јавните институции. Главна тема на средбата беше теренската презентација на Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување за 2025 година.
Како што соопшти Министерството, рекордни 40 милиони евра се обезбедени од државата за поддршка на над 10.000 граѓани, кои сакаат да најдат работа, да отворат сопствен бизнис или да се обучат за конкретна професија.
– Ова не е само план на хартија – ова е план за иднина, план во кој секој млад човек, секоја жена, секој невработен има своја шанса – порача министерот Дурмиши.
Преку досегашните јавни повици, за активните мерки се поднесени вкупно 6.026 апликации, кои се веќе во фаза на селекција. Меѓу најбараните мерки се:
– Мерка 1.1: До 7.000 евра за бизнис за лица над 29 години,
– Мерка 1.2: До 10.000 евра за млади до 29 години со иновативна идеја,
– Мерка 1А: До 20.000 евра за заеднички бизниси на најмалку две лица.
– Тоа не е бројка на хартија – тоа се 6.026 лични приказни, надежи и идеи. Секоја апликација е доказ дека граѓаните не се откажуваат. Напротив, тие се подготвени да направат чекор напред – рече Дурмиши.
Особен акцент бил ставен на Мерка 3.1 – Обука кај познат работодавач, која, како што истакна министерот, директно ги поврзува невработените со компаниите.
– Мерка 3.1 е мост – на едната страна се луѓето кои бараат работа, на другата се компаниите што бараат луѓе. Наша задача е тој мост да биде стабилен и достапен за сите – додаде министерот.
Во рамки на посетата била презентирана и мерката за субвенционирано вработување, која обезбедува финансиска поддршка за работодавачите што ќе отворат нови работни места. Поддршката изнесува:
– 250.000 денари за вработување младо лице до 29 години,
– 220.000 денари за жени, Роми, лица со попреченост, долгорочно невработени и корисници на социјална помош,
– 160.000 денари за лица над 29 години
Работодавачите се обврзани вработувањата да бидат на неопределено време и полно работно време, со задолжително задржување на работното место меѓу 9 и 15 месеци.
Министерството најави продолжување на теренските активности и посети на општините Гостивар, Кичево, Сарај, Липково и други, каде што невработеноста е на високо ниво.