„ОВА НЕ Е НАПАД САМО ВРЗ МЕНЕ И ВРЗ НОВИНАРИТЕ, ТУКУ ВРЗ ДЕМОКРАТИЈАТА“ Мицкоски порача дека нема да има селективна правда
Премиерот Мицкоски порача дека ќе има одговорност и правна разрешница, како и дека заврши времето на недопирливи.
Нашата држава се соочува со нов скандал – нелегално прислушкување и масовна злоупотреба на системот во изминатите неколку години, рече премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето во Владата на темaтскиот состанок за Партнерство за отворена власт.
– Јас лично, тогаш како претседател на најголемата опозициска партија, денес како премиер заедно со новинари, медиуми, бизнисмени и јавни личности сме биле жртва на системот кој ги следел своите граѓани. Ова не е напад само врз мене, туку врз демократијата, врз правото на слобода, врз темелите на државата. Сакам да порачам: Нема да има селективна правда. Ќе има одговорност. Ќе има правна разрешница. Нашиот народ предолго бил жртва на злоупотреби, на корупциски шеми и на тајни центри на моќ. Времето на недопирливи заврши – рече Мицкоски.
Токму затоа, додаде тој, партнерството за отворена власт е одговор.
– Затоа што таму каде што има светлина, нема простор за сенки. Кога институциите се отворени и отчетни, тогаш нема место за злоупотреба, ниту за загрозување на слободите и демократијата. Овој состанок е доказ дека ние не бегаме од проблемите – ги решаваме. Ние не се плашиме од предизвици – ги совладуваме. Нашата визија е да изградиме држава со силни институции, модерна администрација, дигитални услуги достапни за секој граѓанин, со економија што расте и со општество што верува во демократијата. Верувам дека денешните разговори ќе ни помогнат да го искористиме потенцијалот на отворената власт не само како политика, туку како култура на владеење – порача Мицкоски.