ПО 120 МИЛИОНИ ЕВРА ГОДИШНО САМО ОД КАРГО ТРАНЗИТОТ НА СТОКИ Мицески ги повика СДСМ, ДУИ и Левица да гласаат за стратешкото партнерство со Британија
Отфрлањето на овој договор е одење против народот и интересите на Македонија и затоа очекувам прифаќање на подадената рака за заедништво и поврзување на Македонија. Ова не е време на поделби, на криминал и рушење на позиции, туку е време на градење, придонесување за иднината на сите, порача координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицески.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицески ги повика пратениците од сите политички партии денеска да гласаат за ратификацијата на Договорот на Македонија со Обединетотот Кралство.
– Оваа прес конференција ја свикавме, би рекол за еден историски договор кој влегува во собраниска процедура, од повеќекратно значење за Македонија, за нејзиниот политички и економски развој, а тоа е Договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство. Овој договор е историски чин за Македонија, затоа што претставува цврст темел за односите со една од најголемите светски сили и мотор на финансиите, науката и иновациите. Овој договор е основа на едно стратешко поврзување со една од најмоќните политички и економски сили во светот. Овој договор на Македонија ќе ѝ овозможи стратешка позиционираност во регионот, развој на инфраструктурата, здравството, енергетиката, науката, зацврстување на институциите“, рече Мицевски на прес-конференција во Собранието.
Македонија, додаде тој, ќе може да ја направи железницата долж Коридорот 10, во две железнички линии, од кои едната ќе биде брза железница за возови над 160 километри на час, а другата линија за товарен транспорт. Линијата за товарен транспорт, рече Мицески, ќе ја подигне стратешката важност на Македонија и ќе го зголеми протокот на стоки низ државата од пристаништата во Грција кон Средна Европа. Само по основ на транзит се очекува државата секоја година да инкасира од 100 до 120 милиони евра.
„Ќе ја трансформираме државата на здравствен план. Овој договор ќе овозможи доизградба на Клиничкиот центар во Штип, медицински факултет и нов студентски дом, изградба на болници во Кичево и во Тетово. Овој договор ќе овозможи пристап до знаење, искуство и експертиза од светско ниво. Македонија ќе има британско искуство и помош, од кои ќе може да учи и по чии стандарди ќе се работи“, рече пратеникот Мицески.
Овој договор е темелот за идниот развој и ние како пратеничка група сме особено горди што ќе можеме да бидеме дел од овој историски момент за Македонија, додаде тој.
– Воедно, сакаме да подадеме рака и до опозицијата. Овој договор не е класифициран, не се чува во 4 ѕида како претходните на владата на СДСМ и ДУИ. Сè е транспарентно, затоа што и придобивките се јавни и достапни за граѓаните. Повикувам на зрелост и конструктивност од опозицијата предводена од СДСМ и ДУИ. Ова не е договор на ВМРО-ДПМНЕ, туку на Македонија, за сите граѓани. Неговото отфрлање е одење против народот и интересите на Македонија.
Затоа очекувам прифаќање на подадената рака за заедништво и поврзување на Македонија. Ова не е време на поделби, на криминал и рушење на позиции. Сега е време на градење, придонесување за иднината на сите. Сега е време за Македонија – рече Мицевски.
Тој додаде и дека денеска се навршува една година од функционирањето на овој собраниски состав.
– Морам да посочам дека овој собраниски состав, особено колегите од парламентарното мнозинство имавме одговорна задача да се направи ред и почитување на процедурите, по едно континуирано повеќегодишно нивно прекршување, газење и урнисување. Таквиот пристап и таквите методи на поранешната оска на власт, СДСМ-ДУИ, со поддршка на секогаш дезинтегрирачката и безидејна Левица придонесе за повеќекратно рушење на угледот на оваа институција. Во оваа една година се донесоа решенија и закони за повисоки плати, имаше суштинска расправа за најзначајните прашања за граѓаните и се донесоа закони, како тој за зголемување на пензиите и минималната плата, како тој за привремено и сезонско ангажирање на лица, законот за енергетика која е реформски закон кој поставува цврсти темели на нова енергетска политика на земјата и уште многу позитивни законски решенија во интерес на државата и граѓаните. Ќе продолжиме да работиме одговорно и транспарентно со засилено темпо, во интерес на исполнување на ветувањата кон оние кои ни ја дадоа довербата, а тоа се граѓаните на Република Македонија – рече Мицески.