„ОВА НЕ Е БРЦНИ ПРАЧКА, ПИЈ ВИНО“ Тошковски уверува дека се постапува за дивоградби во Чаир
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вели дека се постапува за утврдување случаи со дивоградби во скопската општина Чаир и најавува дека резултатите ќе бидат видливи во скоро време. Тој потврди дека има наредба од јавен обвинител и се постапува.
Тошковски на прес-конференција во Владата за резултатите од првата година од мандатот истакна дека за разлика од претходно сега имало неселективна и бескомпромисна борба против секој кој се огрешил пред законот.
– За разлика од претходно, сега МВР покажува дека можело да има неселективна и бескомпромисна борба спрема секој еден кој ќе се огреши пред законот. Го покажавме тоа, со постапувањето против врховни судии, член на обезбедување на премиер, актуелни директори, министри, директори на институции кои што злоупотребувале буџет, актуелни, поранешни, и градоначалници. Мислам дека македонскиот народ конечно гледа разлика како се постапувало и како треба,го гледа тоа, го чувствува – рече Тошковски, во одговор на новинарско прашање.
Ниеден предмет во интерес на јавноста, посочи тој, нема да биде оставен под знак прашалник.
Во однос на тоа дали е утврден случај на дивоградба во Чаир, министерот рече дека не знае, но увери дека се постапува и оти резултатите ќе се видат наскоро.
– Има наредба од јавен обвинител и Министерството постапува по неа. Ќе се видат резултатите, ова не е буцни прачка, пиј вино. Ве уверувам дека како и за сите предмети, нема да оставиме под знак прашање ниту еден предмет, ќе постапиме како во секоја европска држава – рече Тошковски.