„ОВА ЛИЧИ НА НАРКО КРИМИ ПРЕСМЕТКА НА ДВЕ БАНДИ“ Мицкоски за кавгата меѓу министерката Грковска и обвинителот Јовевски
„Најинтересно и најкомично делува тоа што политичката партија која што е 20 години дел од власта во Македонија, а тоа е ДУИ, вели дека е сега е моментот да се борат со криминалот и корупцијата“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
„Смешни и комични делуваат пресметките на отворена сцена, како крими нарко пресметка на две банди од власта, додека корупцијата и криминалот цветаат и затоа се потребни предвремени парламентарни избори“, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, коментирајќи ја кавгата помеѓу вицепремиерката Славица Грковска и шефот на Јавното обвинителство Љупчо Јовевски.
При денешната посета на општина Велес на настанот „Твојата идеја за промени“ претседателот на ВМРО-ДПМНЕ рече:
– Oд сите страни на меѓународната заедница пристигнуваат обвинувања дека исклучително е криминална власта, дека има огромно присуство на криминал и корупција. Интереснио, а помалку и смешно делуваат оние изјави на министерот за внатрешни работи, кој што е министер 7 години, дека сега еве требало да се реагира многу брзо и да се отвори фронт против криминалот и корупцијата. Наместо да каже, се повлекувам, бидејќи не успеав во тоа.
Според Мицкоски, најинтересно и најкомично делува тоа што политичката партија која што е 20 години дел од власта во Македонија, а тоа е ДУИ, вели дека е сега е моментот да се борат со криминалот и корупцијата.
– Ниту имаат намера ниту ќе се борат. Зошто? Затоа што се ортаци со криминалците и затоа што се корумпирани. Затоа се потребни предвремени парламентарни избори, нови луѓе да дојдат, тие да ги водат институциите и кои што навистина ќе се справат со криминалот и со корупцијата. Оваа пресметка на отворена сцена ми делува како крими нарко пресметка на две банди од власта, коишто што не можат да го поделат пленот и да ги задоволат личните интереси, па се препукуваат по медиумите. Тоа беше јасно покажано преку изборот на последните кадровски решенија во Обвинителството за организиран криминал, но исто така и во Судскиот совет – рече Мицкоски и повтори дека се потребни предвремени парламентарни избори.