ОВА Е УДАР ВРЗ ПРАВДАТА Кузеска истакна дека пуштањето на Мијалков е скандалозна одлука
Оваа одлука директно ја загрозува правдата, не само за овој предмет, туку и за сите останати кои се водат за него, како и за криминалот на други поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ - додава портпаролката на СДСМ.
Портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска на денешната прес-конференција истакна дека е скандалозна одлуката на судот да ја прифати гаранцијата, со што на лицето Сашо Мијалков му се укинува притворот.
– Денеска целата македонска јавност е сведок на силен удар врз правдата од страна на судиите во Апелацискиот суд во Скопје. Мијалков издржува мерка притвор во предметот Трезор каде што е осуден на 8 години затвор, со се уште не правосилна пресуда. Исто така, за Мијалков има и втора неправосилна пресуда од 12 години за нелегеланото прислушување – изјави Кузеска.
Таа ги повика судиите Ѓоко Ристов и Енвер Беџети јавно да излезат и да кажат како е можно за лице со вкупни пресуди од 20 години, да донесат ваква одлука.
– Како оцениле дека не постои ризик од бегство? Но сите граѓани многу добро знаат дека Мијалков беше недостапен за институциите и сега ризикот е повторно голем. Оваа одлука директно ја загрозува правдата, не само за овој предмет, туку и за сите останати кои се водат за него, како и за криминалот на други поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ – додава портпаролката на СДСМ.
Кузеска ги повика сите надлежни институции да се вклучат во овој случај, за да не се дозволи бегство.
– Судиите се независни, но оваа срамна и скандалозна одлука отвора сериозни сомнежи и претставува директен удар врз кредибилитетот на судството да испорача правда за секој – смета портпаролката на СДСМ, Кузеска.