„ОВА Е СИСТЕМСКА ПОБЕДА ЗА СЕКОЈА ЖЕНА И МАЈКА“ Арсовска задоволна од пресудата 2 години затвор за нејзиниот напаѓач
Насилникот не покажа ни трошка каење за стореното, со својот однос континуирано се исмеваше со судот и со јавноста. Дури се обиде жртвата да ја претстави како напаѓач, а себеси иако е насилник, да се претстави дека бил тепан од жена, објави градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.
Судот денес донесе пресуда со која обвинетиот Сулејман Љамалари е прогласен за виновен за сторено кривично дело насилство врз градоначалничката Данела Арсовска и му пресуди 2 години затвор, соопшти Град Скопје.
„Судијката посочи дека предсудата е донесена врз основа на тоа што застапникот на обвинението, надвор од секакво разумно сомневање, докажал дека обвинетиот го сторил делото. Во образложението беше истакнато дека делото е извршено врз функционер при вршење на службени должности, во присуство на повеќе службеници на Градот Скопје. Со ваквиот чин, не станува збор само за напад врз поединец, туку за директен атак врз државна институција, со што е доведено во прашање достоинството на институциите и е нарушен јавниот поредок. Судијката потенцираше дека ваквото дејствие е крајно недозволиво и претставува закана за владеењето на правото и безбедноста на службените лица“, се вело во соопштението.
Дополнително, се додава, беше нагласено дека обвинетиот употребил физичка надмоќ врз градоначалничката Данела Арсовска, имајќи предвид дека таа е жена, а тој како маж бил физички посилен, со што насилството добива уште потежок и посериозен карактер.
„Со пресудата, на обвинетиот му е изречена казна затвор во траење од 2 години за сторениот физички и вербален напад, нанесување телесни повреди и за упатување сериозни закани. Дополнително, му е продолжена и мерката притвор“, соопшти Градот Скопје.
По пресудата со свој статус на Фејсбук се огласи и градоначалничката Арсовска.
„Ова е системска победа за жртвите на насилство, за секоја жена и мајка, за напад кој претставуваше и атак врз институцијата градоначалник. Насилникот не покажа ни трошка каење за стореното, со својот однос континуирано се исмеваше со судот и со јавноста. Дури се обиде жртвата да ја претстави како напаѓач, а себеси иако е насилник, да се претстави дека бил тепан од жена“, напиша Арсовска.
ДВЕ ГОДИНИ ЗАТВОР ЗА НАПАЃАЧОТ НА ДАНЕЛА Љамалари осуден за грубо насилство врз градоначалничката