Ова е сè, само правда не е!

Јас сум убеден дека Камчев е „спакуван" откако се исцрпени сите можности тој да ја „сервисира" својата лажна слобода. Планот е целосно да се уништи. Не со правни средства, не во законита постапка. Не. Идејата е да се уништи вака - насилнички, аматерски, безобразно и простачки.

8,247

„Објавената ‘службена белешка’ на АНБ очигледно не е тоа (службена белешка), ниту од формална ниту од суштинска страна. Читаме некаква полуписмена информација од АНБ (веројатно нарачана!) која се коси со елементарната логика! Кога и да е, ќе се обелодени целата вистина околу неа“.

Вака информацијата на АНБ, „крунскиот доказ” во две судски одлуки за притворање на Орце Камчев, ја коментира поранешниот контраразузнавач Александар Диневски. Наспроти јавниот одиум кон Камчев, кој систематски се шири, вистината за контроверзната удбашка конструкција на АНБ сепак победи. Овој документ како доказ го оспори и обвинителката Вилма Русковска (иако наводно сè уште не ја видела белешката), по што може да се очекува при следното одлучување за притвореникот Камчев обвинителката Лиле Стефанова да се послужи со други небулозни конструкции.






Аматерски конструкции? Не би рекол. Не верувам дека во Македонија сите полицајци, сите разузнавачи, сите обвинители и судии се аматери. И дека затоа во речиси сите досегашни предмети на поранешното СЈО, но и во некои други, во кои се посочуваше на корупциски афери, истрагите, одлуките за притвори и доказните постапки беа спроведувани со крупни процесни недостатоци. Во секоја нормална земја во која владее правото тие недостатоци би се сметале за фатални, а истрагите, обвиненијата и процесите би завршувале со прекин во полза на осомничените и на обвинетите. Но не и во Македонија…

За жал, јас се убедив дека ние имаме многу посериозен проблем од аматеризмот и од некомпетенцијата. Овде станува збор за уцени, за рекет и за сериозни притисоци врз осомничените и врз обвинетите. Целиот однос на органите на прогонот кон овие лица е дизајниран на начин што тие постојано да веруваат дека им се нудат шанси да се спасат од јамката, или дека јамката им се затега околу вратот, во зависност од тоа колку се спремни да ја плаќаат својата привремена слобода – со пари, со удели во фирмите, со имоти, со најразлични услуги, па и со политички концесии.

Затоа сите постапки се контаминирани и компромитирани. Со предумисла, со план. Тоа е еден нов вид на стравична корупција, во која инспиратори и организатори се луѓе од највисокиот естаблишмент, а извршители се послушници од органите на прогонот, но и од медиумите.

Камчев е типичен пример за тоа. Во аферата „Рекет” беше обелоденет само еден случај кога бизнисменот бил принуден да даде пари за да си ја плати својата (привремена и несигурна) слобода. Во таа фарса играа истите актери кои сега глумат во трагедијата со наслов „Финалното уништување на Камчев”. И цела јавност се прави дека тоа не гледа! Така ќе биде сè додека Камчев не биде принуден да проговори за сите други пари што им ги има дадено на уценувачите и на рекетарите од власта. И за сите други дилови што му се нудени, за сè што од него е барано, а можеби во еден дел и добиено, од покренувањето на случајот „Империја” до денес.

Како и да е, јас сум убеден дека Камчев е „спакуван” откако се исцрпени сите можности тој да ја „сервисира” својата лажна слобода. Не знам како дошло до тоа, можеби целата таа шема станала премногу видлива и опасна за рекетарите. Можеби рекетираниот рекол “доста е”. Навистина не знам, но знам дека сега планот е Камчев целосно да се уништи. Не со правни средства, не во законита постапка. Не. Идејата е да се уништи вака – насилнички, аматерски, безобразно и простачки.

Така беше отфрлен и егзекутиран и Сашо Мијалков. Добар му беше Сашо на Зоки Заев додека му вршеше услуги. И врапците знаат дека политичкото влијание на Мијалков врз група пратеници од ВМРО-ДПМНЕ беше пресудно Преспанскиот договор да се прифати во парламентот. И конфликтот во ВМРО-ДПМНЕ одеше во прилог на Заев. Верувам дека тоа е една од причините поради која Мијалков се надевал дека судските пресуди за него ќе се носат „со усул”, имајќи ги предвид и тенките обвиненија и фелеричните доказни постапки, за кои пишував. Дури и искусниот Мијалков мораше на потешкиот начин да научи дека со селски итреци тешко ќе излезе на крај. Се надевам дека не го тешат пак со лажни ветувања…

Конечно, бидејќи често сум прозиван, сакам уште еднаш да одговорам зошто пишувам за овие луѓе, зошто ги деконструирам манипулациите во случаите поврзани со поранешното СЈО. Сакам да кажам зошто сум, како што велат некои, „на страната” на Камчев и на сите други обвинети, кои тие веќе ги имаат прогласено за „криминалци”. Всушност, да појаснам на чија „страна” сум.

Никогаш не сум бил голем „шарен револуционер”. Не носев маица со „трите грации”. Не фрлав со бои. Никогаш не сум рекол или напишал „че си лежите”. Но, сум протестирал под паролата „нема правда, нема мир”. А кога јас нешто говорам или пишувам, тоа ме обврзува. Барав правда тогаш, а тоа значи дека моја човечка обврска е да барам правда и сега и да сведочам како се опслужува правдата по промената на режимот во Македонија. Новинарите и интелектуалците кои не го прават тоа, немаат одговорност и доблест, уште помалку храброст да се соочат со сопствените заблуди.

Јас се соочив. И сега сведочам јавно – ова не е правда!

Во многу написи изложив стотици аргументи за нови и нови неправди, сега сторени во рамките на божемната битка против криминалот и корупцијата. Ако за некого, на пример, е правда парите, фирмите и имотите на Камчев да ги лапне некоја нова фамилија – а за тоа станува збор овде, да не се лажеме! – за мене не е. За мене тоа е брутална одмазда, манипулација од најдолен вид и компромитација на мојот личен придонес во уривањето на еден режим и во битката за вистинска правда.

Интересно е дека никој не спори со аргументите од моите анализи. Никој со мене не полемизира со контрааргументи, туку само со клевети и со навреди. Никој, на пример, не вели – добра е информацијата на АНБ, таа покажува дека Камчев навистина сакал да избега од Македонија. Напротив, сите се откажуваат од таа бедна удбашка манипулација, дури и обвинителката. Се заговара и теза дека белешката била „фалсификат”. Замислете, фалсификат со потпис на директорот на АНБ, со печат и со архивски број?!

Како и да е, во јавноста широко е распространета мислата дека луѓето за кои постои убедување дека се „криминалци” може и треба да се казнат „по кратка постапка”, без квалитетни истраги, без цврсти докази, без почитување на правото на одбрана, во постапки со фатални процедурални пропусти, насилнички и одмазднички. Степенот на раширеност на таа мисла покажува колку сме агресивни и примитивни, колку ни е општеството осакатено во цивилизациска смисла.

Простете, но јас не можам да ја прифатам таа мисла и од неа да се раководам. Ако прифатам и самиот ќе станам она што не сум и не сакам да бидам – одмаздник, насилник и криминалец.

Поврзани содржини