ОВА Е ПРВА НЕРАБОТНА НЕДЕЛА На терен ќе бидат инспекторите, работниците да очекуваат поголеми дневници

Ги охрабруваме сите работници на кои ќе им бидат прекршени нивните права во врска со работата во недела, спротивно на законските прописи, да пријават во Државниот инспекторат за труд, се наведува во соопштението од Инспекторатот.

1,104

Според законските измени кои стапија на сила од први јануари, од овој ден, недела и законски е неработен ден, при што не треба да работат околу 92 отсто од работниците. Владата ги предложи, за како што соопшти да се воспостави рамнотежа меѓу професионалниот и приватниот живот на работникот, како предуслов за нивна мотивација и поголема ефикасност на работното место.

Како дејности што мора да работат за нормално функционирање на општеството, во Законот за работни односи се наведени одгледување животни, мешовито фармерство, вадење јаглен и лигнит, вадење руди на метал, печатење и издавање весници, производство на леб, слатки во свежа состојба и бисквити, производство на плочи, листови, цевки и профили од пластични маси, производство на индустриски гас,  производство на метали, аптеки, снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација, снабдување со вода, отстранување отпадни води, управување со отпад и дејности на санација на околината, како и копнен, цевоводен, воден и воздухопловен транспорт.






Во овие дејности спаѓаат и складирање и помошни дејности во превозот, објекти за сместување, дејности за подготовка на оброци и служење храна, филмска дејност, дејности за видео и телевизиска програма, емитување програма, телекомуникации, информативни услужни дејности (хостирање, обработка на податоци, интернет-портали и сл.), прикажување  филмови, фотографски дејности, ветеринарни дејности, изнајмување и давање под закуп (лизинг) моторни возила, дејности на приватна заштита и услуги на заштита со помош на сигурносни системи, но и дејности на повикувачки центри.

Како суштествени се наведени и општите дејности на јавната управа, само за итни и неодложни работи поврзани со одржување седници, инспекциски надзори, а кои работи се од витално значење за државниот и јавниот интерес, работи на одбраната, судски и правосудни дејности, работи на јавниот ред и безбедноста, дејности на пожарникарската служба, дејности за здравствена заштита, дејности на социјалната заштита со сместување, креативни, уметнички и забавни дејности, дејности на музеите, дејности на зоолошки градини и природни резервати, спортски, забавни и рекреативни дејности, погребни и слични дејности, царинска служба на гранични премини, дејности што имаат карактер на помошни или придружни дејности со цел непречено функционирање на дејностите од овој став, врз основа на склучен договор со работодавачот од дејностите од овој став, како и работни места од други дејности што не се опфатени со овој став, а имаат карактер на помошни и придружни работи за непречено извршување на основната дејност на работодавачот.

– Работниците се нашиот најголем капитал. Нивниот труд мора да се почитува и вреднува. Затоа, оние што ќе бидат ангажирани во дејностите кои заради техничко-технолошкиот процес не смеат да бидат прекинати, ќе добиваат најмалку 50 отсто повисока дневница за работа во недела и слободен ден кој ќе можат да го искористат во наредните седум дена – рече министерката за труд Јагода Шахпаска.

Министерката додаде дека вработените во трговските центри, односно моловите, кои ќе работат во недела ќе добиваат двојно повисока дневница, односно дневница зголемена за 100 отсто. А дополнително, 2 проценти од прометот остварен во моловите во претходната година за работењето во недела и празници ќе бидат наменети за изградба на нови детски градинки.

Државниот инспекторат за труд соопшти дека со влегувањето во сила на законските измени и дополнувања на Законот за работни односи за недела неработен ден, од 2 јануари ќе воспостави дежурства во недела по региони, на кои работниците можат да пријават доколку им се прекршени правата во врска со работата во недела.

Пред започнување на вршење на работа во недела, работодавачите се должни да го известат Државниот инспекторат на труд на пропишан образец- Известување за вршење работа во недела, кој може да се најде на веб страницата на Државниот инспекторат за труд.

– Со влегувањето во сила на законските измени и дополнувања, Државниот инспекторат за труд воспоставува дежурства во недела по региони. Ги охрабруваме сите работници на кои ќе им бидат прекршени нивните права во врска со работата во недела, спротивно на законските прописи, да пријават во Државниот инспекторат за труд – се наведува во соопштението од Инспекторатот.

Пријавувањето може да го направат на неколку начини: на веб страницата на ДИТ (https://dit.gov.mk/ ) анонимно или како пријава од познат подносител, со поднесување на пријава во архивите на подрачните одделенија и во централата на ДИТ од понеделник до петок од 8.30 до 16.30, преку кол центарот повикувајќи го бројот 15131 од понеделник до петок од 8.30 до 16.30, и во недела почнувајќи од 2 јануари 2022 година од 8.30 до 16.30 часот на дежурните инспектори по региони.

Поврзани содржини