ОВА Е ПОРАЗИТЕЛЕН 8 МАРТ Сиљановска Давкова критикуваше дека е недоволна заштитата на жените
Во 2025 имало 4.745 пријави за семејно насилство и шест случаи на убиство, а за два месеца во 2026 – веќе четири случаи на фемицид.
Шокира фактот дека во 2025 имало 4.745 пријави за семејно насилство и шест случаи на убиство, а за два месеца во 2026 – веќе четири случаи на фемицид. Овие алармантни бројки се слика на општество во коешто е загрозено најосновното човеково право – правото на живот. Не цитирам статистика, туку нотирам пораз на институционалната превенција и навремената акција. Зад бројките се кријат животни приказни, семејни трагедии, неостварени соништа. Ова го нагласи претседателката Гордана Сиљановска Давкова, на пленарната седница во Собранието „Правата и можностите на жените – достигнувања и перспективи“, која секоја година се одржува по повод Меѓународниот ден на жената 8 Март.
– Страшно е секој 8 Март, да броиме нови жртви, да презентираме најнови статистики, да дебатираме за политики, да усвојуваме стратегии, посочувајќи ги истите проблеми, презентирајќи брутални статистики, предлагајќи претходно предложени, но непреземени мерки и активности. И овој 8 Март, непосредно по несфатливата смрт на Ивана и на Катја, тешко ми е да го доживеам како Ден на жената! Симболиката на празникот се изгуби во мракот на суровата, непоимлива и неприфатлива реалност – рече претседателката.
Таа посочи дека кучен момент е оној на пријавувањето и ако жената се соочи со човек којшто ѝ влева разбирање, поддршка, сигурност и надеж, таа ќе се охрабри да се избори за себе, ама ако биде пречекана од профил, за кој навредувањето и тепањето се дел од заедницата, ќе се посомнева во ефектите од преземениот чекор и ќе трпи. Затоа, посочи Сиљановска Давкова, обучените и сензибилизираните полицајци, социјални работници и судии се активни спасители или пасивни соучесници во делото.
– Зарем сè уште не сфативме и не научивме дека фемицидот не е ненадеен изблик на гнев, туку врв и крај на долг, мачен процес на психолошки притисок, манипулација, тортура, страв, неизвесност и малку желби и надеж. До кога post festum ќе ламентираме и ќе тагуваме, наместо навреме да спречуваме и соодветно да санкционираме и да се радуваме со потенцијалните, но спасени жртви? Што стана со уставната обврска за посебната грижа и заштита на семејството? – запраша Сиљановска Давкова.
Претседателката од собраниската говорница запраша како е можно институциите да се имуни на предупредувачките сигнали, зошто системот на социјална заштита, полицијата, обвинителството и судството не реагираат навреме и до кога ќе ги менуваме законите, наместо оние што не ги применуваат?
Таа нагласи дека не е доволно во Кривичниот законик да се предвиди кривично дело фемицид, кога толку често доаѓа до преквалификација, ако надлежните не постапуваат по службена должност, иако измените на Кривичниот законик тоа го овозможуваат, ако се преферира условната казна, наместо највисоката.
– Зошто честопати, владеењето на правото се трансформира во владеење на насилните мажи? Не е доволно да потпишете документ и да го ратификувате, славејќи го достигнувањето – рече Сиљановска Давкова.
Таа потсети дека со ратификацијата на Истанбулската конвенција државата презела обврска да воспостави сеопфатен и функционален систем на превенција, заштита и санкционирање, заснован на разбирањето дека насилството врз жените е поврзано со структурната нееднаквост.
– Не дозволувајте одбележувањето на 8 Март да се сведе на протоколарна форма којашто ќе го исцрпи своето значење во симболични гестови и пригодни зборови. Розите коишто денес ќе ја разубават просторијата, утре тивко ќе почнат да ја губат свежината, а вниманието коешто трае еден ден не е доволно. Жените не очекуваат привремена, празнична галантност, врзана за празничниот ден, туку трајна сигурност што произлегува од стабилен, функционален и правичен систем – нагласи Сиљановска Давкова.