„ОВА Е ИСКЛУЧИТЕЛНО ОПАСЕН МОМЕНТ ЗА УКРАИНА“ Камерон ги повика веднаш да му се помогне на Киев
Затоа е толку важно што ставивме на располагање пакет од три милијарди фунти годишно помош и рековме дека ќе продолжи од година во година. Ги охрабруваме другите да го сторат истото, рече министерот за надворешни работи на Велика Британија.
Британскиот министер за надворешни работи, Дејвид Камерон утрово одговарајќи на новинарско прашање во интервју дадено за Скај Њуз за ненадејната руска офанзива во регионот Харков, истакна дека „ова е исклучително опасен момент за Украина“.
– Ова само нагласува дека ова е неоправдана, илегална инвазија на Путин на независна, суверена земја – рече Камерон.
Тој нагласи дека „мораме да направиме сѐ што можеме за да им помогнеме на Украинците“.
– Затоа е толку важно што ставивме на располагање пакет од три милијарди фунти годишно помош и рековме дека ќе продолжи од година во година. Ги охрабруваме другите да го сторат истото. Сакам да ги охрабрам Американците да излезат со својот пакет, тажно е што долго се чекаше, но тоа ќе направи разлика – рече Камерон.
Камерон истакна дека и другите земјите треба да го прават тоа што го прави Велика Британија во однос на оружјето со долг дострел, во однос на обуката и поддршката.
– Во принцип, ние мора да постигнеме нашата сила да има ефект на бојното поле – заклучи тој.