ОВА Е ГЕНОЦИД Џафери ги посети Ирпин и Буча, ќе се сретне и со Зеленски (ФОТО)
Во рамките на посетата Претседателот Џафери ќе има и обраќање на Конгресот на локалните и регионални совети под претседателство на Претседателот на Украина, Володимир Зеленски.
Денес, на покана на претседателот на Собранието на Украина, г. Руслан Стефанчук, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, г. Талат Џафери, е во посета на Украина каде што допатува со воз преку Полска во раните утрински часови. Истовремено, во посета на Украина денес се и претседателите на Парламентите на Романија и Швајцарската Конфедерација. Претседателот Џафери ги посети градот Ирипин и пистата на Хостомел кои се разурнати од воените дејствија, по што заедно со другите претседатели на Парламенти дадоа заеднички изјава.
– Секако особено ми е задоволство и ја прифатив поканата и лично да ги посетам Буча и Ирпин за лично да ги согледаме последиците од она што е инвазија на Руската федерација врз Украина. Секако, моето присуство е симбол на лична, институционална и поддршка на граѓаните на Република Северна Македонија за народот на Украина и институциите на Украина. На нас од Западен Балкан ни се свежи сеќавањата од ваквите слики што ги гледавме не подолго од две децении претходно, свеж ни е Речак во Косово, свежа ни е Сребреница во Босна и Херцеговина и секако мислам дека ние најдобро ве разбираме и знаеме што значат овие слики што ги гледаме овде. Јас оттука можам да порачам дека лично ќе се залагам институциите и граѓаните на Република Северна Македонија да ја пружат сета можна поддршка која што ќе стои на располагање заедно со нашите партнери од Европската унија и меѓународната заедница. Секако, лично ќе се залагам овие слики да го добијат правото име што им следува, а тоа е геноцид и ништо друго – рече Џафери.
Оваа посета на претседателот Џафери е прва од овој вид на висок претставник од регионот и прва посета од сите нивоа на власт во Република Северна Македонија. Во рамките на посетата Претседателот Џафери ќе има и обраќање на Конгресот на локалните и регионални совети под претседателство на Претседателот на Украина, Володимир Зеленски.