„ОВА Е ЦИРКУЗ И ПАРАДА ПРЕД ИЗБОРИ“ Тошковски ѝ одговори на Арсовска за дивоградбите и заканите
Министерот Тошковски рече дека секој треба да си ја работи работата за којашто е платен согласно закон и по можност, истакна, да не е тоа за циркус и парада.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во врска со повиците на градоначалничката Данела Арсовска органите да постапат за дивоградбите во Чаир, како и за заканите по живот што ги добива, вели дека МВР и Обвинителството реагираат по однос на секоја пријава кон било кого. Во однос, пак, на работата на градоначалниците за тоа што е дозволено а што не со закон да се гради, вели дека добро е тоа да го прават цел мандат, а не само пред избори.
– Добро е секој еден во Македонија да си ја работи работата за којашто зема плата. Општините да вршат контрола на нивни надлежности од аспект на тоа што е дозволено со закон да се гради, што не е дозволено со закон за да се гради, добро е тоа да го прават цел мандат, добро е да го прават од почеток кога ќе бидат поставени на одредена позиција во континуитет 4 години додека трае мандатот исто така е добро да го прават тоа, и добро е граѓаните на крајот откако ќе истече тој мандат да дадат оценка за тоа како ја сработиле работата во претходните четири години. И добро е еднаш засекогаш во Македонија секој еден којшто зема буџетски пари, да ја работи работата за којашто е платен – рече Тошковски одговарајќи на новинарски прашања.
Тошковски наведе дека работата на градоначалничката и на останатите градоначалници е да постапуваат по одредби од законот за градење во делот на нивната надлежност и да вршат контрола како се гради, што се гради, дали се преземаат дејствија согласно закон или не, а работа на МВР е да постапува согласно наредби од страна на суд или Јавно обвинителство во насока на преземање соодветни дејствија, со цел, како што рече, да можеме да имаме неселективен и поинаков пристап во рамки на спроведување на законот.
– Доколку, од страна на било кого, спрема било кого, бидат преземени сериозни закани и тоа истите бидат пријавени до Министерство за внатрешни работи, а согласно законски и подзаконски акти биде утврдена потреба по преземање одредени дејствија во рамки на надлежности на МВР, ве уверувам дека ние веднаш ќе ги преземеме. Има процедура како се утврдува дали постои сериозна закана, како Министерството треба соодветно да реагира, како Обвинителството треба да реагира, како судот треба да реагира на таков тип дејствија што се преземаат како процесни дејствија во рамки на сите чекори – рече Тошковски.
Повтори дека секој треба да си ја работи работата за којашто е платен согласно закон и по можност, истакна, да не е тоа за циркус и парада.
– Ова што го гледа македонската јавност е исклучиво само циркус и парада пред локални избори. Да беше во рамки на првите година дена, ќе беше за поздрав, и ќе беше навистина искрено, го препознава народот тоа, овој народ препознаав кога нешто е искрено и препознава кога нешто е заради циркус. Овде ние не говориме за желба да се стави ред во Македонија, овде говориме за парада и циркус, а МВР ќе постапи неговите надлежности како што постапувало и секогаш досега – наведе Тошковски.
Градоначалничката Данела Арсовска и премиерот Христијан Мицкоски деновиве разменија пораки преку јавноста. Премиерот завчера изјави дека Обвинителството треба да се остави да постапува по доказите поднесени вчера од скопската градоначалничка Арсовска во врска со незаконски легализирани дивоградби во општина Чаир, а неа ја охрабри да пријави во МВР дека добива закани по живот. Арсовска, пак, утрово, преку Фејсбук се обрати до премиерот, обвинувајќи го дека му дозволил на градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, нелегално да легализира дивоградби, порачувајќи дека нема да се откаже ниту да се повлече.