Отворено писмо на професори: Не се затвора Катедрата за македонски јазик и нема да дозволиме да се затвори!

Вработените професори од Катедрата преку писмото ја уверуваат јавноста дека доколку некој поединец или институција би се осмелиле да посегнат по интегритетот на Катедрата за македонски јазик, сите до еден ќе се заложат тоа да го спречат со сите средства и на сите начини.

678

Нема да се затвори Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици, информираат во отворено писмо до јавноста шеснаесет професори на катедрата и најавуваат дека ќе се спротивстават со сите сили и средства на институција или поединец кои ќе се обидат да ја затворат.

Професорите се обратија со писмо до јавноста откако беа презентирани информации дека е во план затворање на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици.






Го пренесуваме писмото во целост:

Во однос на тврдењата за евентуално укинување на Катедрата за македонски јазик, изнесени по медиумите, укажуваме дека станува збор за целосни невистини и манипулации. За жал, овие написи доаѓаат токму во годината на чествувањето на 100-годишнината од раѓањето на нашиот патрон и професор, Блаже Конески, и 75-годишнината од основањето на Катедрата за македонски јазик и на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Академик  Блаже Конески беше член на нашата катедра од нејзиното основање и поради огромната почит што ја имаме кон личноста и делото на нашиот професор, тој е одбран за патрон на институцијата. Затоа да не дозволиме неговото име наместо да нѐ обединува да нѐ разединува.

Изразуваме цврста убеденост дека на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ не постои и никогаш не постоела идеја за укинување на катедрите за македонски јазик и за македонска книжевност. Истовремено ја уверуваме македонската јавност дека доколку некој поединец или институција би се осмелиле да посегнат по интегритетот на Катедрата за македонски јазик, ние сите до еден ќе се заложиме тоа да го спречиме со сите средства и на сите начини.

Остануваме посветени на својата мисија во афирмацијата на македонскиот јазик и неговото научно проучување, како и во образованието на млади кадри македонисти што со наша помош ќе го почитуваат и ќе го продолжат делото на Конески, во нашата средина и на меѓународен план.

На писмото се потпишани:
проф. д-р Лидија Аризанковска
проф. д-р Славица Велева
проф. д-р Катерина Велјановска
проф. д-р Татјана Гочкова-Стојановска
проф. д-р Анета Дучевска
проф. д-р Марјан Марковиќ
проф. д-р Димитар Пандев
проф. д-р Искра Пановска-Димкова
проф. д-р Марија Паунова
проф. д-р Симон Саздов
проф. д-р Станислава-Сташа Тофоска
проф. д-р Томислав Треневски
проф. д-р Емилија Црвенковска
доц. д-р Гордана Алексова
м-р Бобан Карапејовски
м-р Бојан Петревски

Поврзани содржини