Отворено писмо до идниот премиер

2,038

Во духот на демократската пракса на јавно обраќање до функционери од власта, а по добриот пример на почитуваниот Героски во врска со „фамозниот“ медицински факулутет во Струга, не гледам друг поконструктивен односно посоодветен начин освен и јас јавно да му се обратам на идниот премиер – иако такво нешто досега никогаш не сум правел – со цел да го свртам неговото внимание на област, и проблем, коишто, на прв поглед, можеби ќе му се видат второстепени во ова актуелно македонско премрежије.

Но не се, никако, барем според обемот на злоупотребите, корупцијата и криминалот досега невидени во македонската култура. И да, јавното обраќање е до идниот премиер а не министерот за култура бидејќи мислам дека проблемот е со такви и толкави димензии што ги надминува неговите ингеренции.






Станува, имено, збор за невидена некултурна „коалиција“ со страотни повеќегодишни последици по македонскиот филм и дел од македонските филмски творци, за проблем континуирано игнориран од минатата власт и нејзините надлежни органи, но и самата Влада. Бројните укажувања на разни државни и невладини институции и тела – Државната комисија за спречување корупција, Државниот завод за ревизија, „Транспаренси интернешнл“ и др. – со години на ред беа премолчувани, особено од највисокиот извршен орган во чија директна надлежност е, на пример, Агенцијата за филм како еден од актерите.

А она со што идниот премиер мора да се запознае не мора да бидат и сите претходни наоди на спомнатите државни и невладини институции (иако ни тие не се за занемарување!), туку материјалот на Министерството за култура од јуни оваа година, наречен „Извештај од работната група за утврдување на состојбите и на можностите за унапредување на работата на Агенцијата за филм на Република Северна Македонија“!

И таму, црно на бело, стои сѐ што е неопходно да се стекне соодветна слика за „дејствијата“ на „коалицијата“ помеѓу Агенцијата за филм и Друштвото на филмски работници, за да потоа се ангажираат другите органи надлежни за таквите узурпации.

Наспроти неодамнешниот смешен памфлет на Друштвото на филмските работници за „колапсот на македонскиот филм“, спомнатиот Извештај нотира таков колапс, дури катастрофа од невидени размери во културата, но посочува на сосема други „актери“ во главните улоги на тој колапс. И тоа идниот премиер мора да го знае зашто набргу, деноноќно, токму тие актери ќе го опседнуваат неговиот кабинет „за да му ја објаснат вистината“ и сопствената важност за македонската држава, ќе го чекаат во разноразни заседи и вон Владата (ако не успеат да издејствуваат прием кај него): на работни посети во културни институции, на куртоазни средби, на манифестации… итн. Од нив, барем до сега, никој не успеал да избега!

И, се разбира, секогаш има и други заобиколни патишта: влијателни пријатели и министри, бизнисмени, па и странски амбасадори и сл. Не посакувам да бидам во негова кожа!

Но, сето тоа има причина, а причината се вика – спомнатиот Извештај.

Во него идниот премиер ќе го види вистинското лице на македонскиот филм и дел од филмските (не)работници, ќе го види вистинскиот лик и стручност на двајцата претходни директори на Агенцијата за филм, ќе го види и моралниот лик на сите оние шушумиги кои со години седеа во телата на таа Агенција и го овозможуваа сето она што таму се правеше. И за што беа одлично наградувани, се разбира.

Ќе види како се расфрлале државните пари за филм, и кому, и зошто. Па дури и на странски фестивали, на пример. Зошто? Никој не знае. Ќе ја прочита меѓу редови финансиската ароганција на оние полуписмени директорчиња на Агенцијата – двајцата именувани директно од бившата Влада, на предлог на владина министерска комисија, меѓу кои и „славниот“ Филипче како стручњак за филм! – и на нивните избрани уште понеписмени советници.

Но, што е можеби уште поважно: ќе ги види in flagranti „ѕвездите“ на македонскиот филм, оние режисерчиња и продуцентчиња кои сакаат да пишуваа памфлети до јавноста и да ја објаснуваат нивната екстраординарна заслуга за македонската култура и македонската држава, ќе ги види нивните хонорари небаре се и холивудски а не само македонски „ѕвезди“ и нивните битпазарски недолични зделки.

Истите или слични нешта, да не речам во уште поригидна односно покриминална форма, ќе ги види и во редовите на Друштвото на филмските работници, за неговото раководство, за неговите пулени, за нивните меѓусебни зделки, за преплатените филмови и неплатените долгови… Ќе види јасна „слика и прилика“ на македонскиот филм одвнатре, фамозен како и оној иден медицински факултет во Струга.

Но ќе види и многу, многу други нешта:

Како, на пример, страотно нетранспарентно, неотчетно, простачки неодговорно фаворизирање на одредена група продуценти и работи спротивни на Законот за филм и другите закони. Ќе види застрашувачки субјективизам и самоволие на мал број лица кои имаат одлучувачки функции во Агенцијата за филм и во Друштвото на филмските работници, прекршувања казниви и според Кривичниот законик.

Понатаму, не само што во Агенцијата за филм се констатирани десетици криминални дејствија, туку Извештајот говори и за 39 проекти што добиле средства во висина од 50 милиони денари, а не снимиле филмови ниту ги вратиле парите. Чии биле тие филмови, кои ги земал тие пари а не ги вратил бидејќи не ја завршил работата?

Идниот премиер ќе прочита и за толерирање на фалсификувани документи на повластени продуценти, за наместени конкурси од лица со судир на интереси (финансиски советник и рецензенти), за повеќегодишни незаконски исплаќани средства на ДФРМ, за незаконски извлекувани средства преку фестивалот на истото ДФРМ „Златна рамка“, за незаконска концентрирана моќ и сомнителни дејанија помеѓу раководни луѓе во Агенцијата за филм и „славното“ ДФРМ, за новинарски шмизли кои за своите услуги примале исплати во исто време од Агенцијата, ДФРМ, Медиа програмата и Министерството за култура, за незаконски трошења на државни средства за филмовите на македонските „ѕвезди“ итн., итн.

Се разбира, после сѐ, идниот премиер можеби ќе посака да праша зошто неговите претходници, оние двајца од редовите на онаа сдсм (малите букви се… знаете веќе што), воопшто не реагирале на сите овие случувања. А не дека не ги знаеле. А во таа насока и оние претходни министри за култура, кои исто така точно знаеја што се случува во филмот!

Но, тоа е лично негов избор, тука не можам да му помогнам.

Извор: Теодосиевски уметност

 

Поврзани содржини