Отворено писмо до Европскиот парламент за македонската евроинтеграција
Од подносителката на уставната иницијатива за вториот протокол со Бугарија
Почитувани членови на Европскиот парламент,
Повод за моето обраќање е тековната расправа за Извештајот околу напредокот на македонската евроинтеграција и поднесениот амандман на известителот Томас Вајц, со кој се бара мислење од правната служба на Советот на Европската Унија за поврзаноста на вториот протокол од Договорот за пријателство помеѓу Бугарија и Македонија со преговарачката рамка, со оглед на неговата контроверзност и отстапување од критериумите од Копенхаген, преку внесување идентитетски барања за редефинирање на македонскиот народ, јазик и историја како бугарски.
Ви се обраќам како подносителка на уставната иницијатива за поништување на вториот протоколот со Бугарија (јули 2025), со намера да Ви обезбедам подиректен увид во содржината и значењето на протоколот, како и причините за неговата неприфатливост, погледнато низ очите на Македонците и македонските граѓани. Ние сме во европската чекална и ова е единствен начин за мене, граѓанка на земја кандидат, да се обратам до Вас, кои решавате за нашата сегашност и иднина.
Уставната иницијатива ја поднесов за да ѝ помогнам на својата земја да го започне и успешно да го заврши процесот на евроинтеграција, по три децении неправедни блокади, вета и условувања од разни страни. Македонските граѓани заслужуваат конечно фер третман и исполнување на дадените ветувања од ЕУ, зашто и по сите разочарувања, неправди и трауми, ги споделуваат европските вредности и се изјаснуваат за ЕУ дури 71% (март 2026). Ова е и моја лична борба, како поранешна политичарка: пратеничка, потпретседателка на македонскиот Парламент, заменик министерка, основачка и претседателка на првата парламентарна зелена партија, подоцна членка на Европските зелени. Речиси две децении бев член на собраниските комисии за надворешни работи, за европски прашања и на Мешовитиот парламентарен комитет за евроинтеграција. Сега се борам како граѓанска активистка за истите вредности во кои верувам.
Протоколот претставува акт од Вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија со Бугарија од 17 јули 2022 година во Софија, потпишан од министрите за надворешни работи на Македонија и на Бугарија, врз основа на членот 12 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија.
Протоколот го сметаме за блокатор на нашата евроинтеграција, зашто на него се реферира во повеќе документи од македонскиот евроинтегративниот пакет. Тој содржи такви непринципиелни и небулозни барања, кои е невозможно да ги исполниме, зашто тоа би значело себеукинување како народ и држава со свој идентитет, континуитет и историја.
Протоколот прекршува 14 членови од нашиот Закон за склучување, ратификација и извршување на меѓународни договори, 2 члена од нашиот Закон за надворешни работи и 3 члена од нашиот Устав. Меѓу прекршените членови од Уставот е и членот 8 за темелните вредности на уставниот поредок, во делот за основните слободи и права на човекот и граѓанинот, слободното изразување на националната припадност и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право.
Протоколот содржи седум (7) вида правни прекршувања, од кои првите пет (5) се од чисто правничка природа, а две (2) и од политичка природа:
• Прво, не е почитувана процедурата за негово договарање, усвојување од страна на Владата и потпишување – Протоколот е договорен нетранспарентно, во целосна тајност, без информирање и увид на стручната и на пошироката јавност, иако ги засега сите граѓани и државата во целост. Не е испочитувана законската процедура од Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународни договори (1998). Со вака донесениот протокол, органите на управата самите си презеле нови обврски за државата, спротивно на Уставот и законите.
• Второ, не е ратификуван во македонското Собрание – За да биде важечки еден протокол за спроведување на меѓународен договор, тој треба да помине ратификација во Собранието, преку носење на Закон за ратификација на протоколот од соодветниот договор, со разгледување на собраниската Комисија за надворешни работи и на пленарна седница на Собранието.
Споредбено, бугарската собраниска Комисија за надворешни работи го добила текстот на Протоколот и дискутирала за него уште на 23 јуни 2022, а по прекинот на седницата, бугарското собрание на пленарна седница на 24 јуни 2022 го усвоило целиот пакет од Францускиот предлог за почеток на преговорите со Македонија, сосе имплицитно вградениот Протокол. Парадоксално, тој акт е донесен на состанокот на меѓувладината комисија и потпишан од министрите за надворешни работи на двете земји, речиси еден месец подоцна, на 17 јули 2022!
• Трето, не е објавен во „Службен весник“ – Протоколот како официјален документ не е објавен ниту од страна на Владата, ниту од страна на Министерството за надворешни работи, иако е тоа уставна обврска, што го прави неважечки.
• Четврто, нема соодветна форма и содржина – Протоколот е компилација од протокол на меѓународен договор за пријателство и соработка со преамбула; записник од работен состанок на избрани и именувани функционери со извештај за спроведената соработка на теми од повеќе ресорни министерства; и акциски план за идни активности на македонската држава. Содржината, пак, на Протоколот е сосем несоодветна, со наметнување обврски кои водат кон идентитетски инженеринг и денационализација, спротивно на меѓународните и домашните стандарди за меѓудржавно општење.
• Петто, излегува надвор од рамките на правен акт кој обработува еден (1) член од Договор помеѓу две земји – Со својата содржина Протоколот излегува не само надвор од опфатот на подзаконски акт, од опфатот на потпишаниот договор меѓу двете земји, туку и од конвенциите на Обединетите нации за регулирање на меѓународните односи. Подзаконски акт нема правна сила да наметнува измена на преамбулата на Уставот, на целото важечко законодавство, како и на идентитетските обележја на еден народ и држава! Ова е во целосна спротивност со меѓународните принципи за државна сувереност во таквите одлуки.
Протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија ги има сите карактеристики на нов договор, а не записник од состанок на таа комисија согласно член 12 од Договорот. Со Протоколот, всушност, се создаваат нови обврски за Македонија, надвор од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка.
• Шесто, произведува масивни штетни дејствија врз идентитетски прашања за македонскиот народ, јазик и држава – Протоколот и наметнува на Македонија обврски, чие евентуално исполнување би предизвикало меѓународно правно поништување на македонскиот народ и македонскиот јазик, како и комплетно бришење на нивниот историски континуитет, тргнувајќи од бугарското негирање на сите овие идентитетски одредници за македонскиот народ, јазик и држава. Имено, наметнува еден вид „средновековно духовно владение“ над Македонија, со долг список детални „ингениозни“ мерки за превоспитување и замислена бугаризација на Македонците.
На пример, бара целосна промена на историските наративи, изнудено изнаоѓање „заеднички“ личности и настани за славење, внесување на „новата историја“ во „наставните програми, учебници и релевантни наставни материјали, натписи на споменици, плакети, информативни материјали во музеи и други локации од образовно и културно значење, како и релевантни информации во електронски информативни медиуми во јавна сопственост“.
Се бара строга цензура на сите содржини во медиумите, јавните настапи, дури и приватните изјави на социјални медиуми, како и на „државното финансирање за нови книги, документарни и списанија, филмови и други уметнички дела, културни споменици и прослави“. Обврзува на бугарско одобрување историски и други учебници и лекции во нив, како и на сите објавени материјали, содржини, натписи и др., поврзано со образование, култура и уметност.
Покрај ова, во Протоколот се поставува и „услов првата меѓувладина конференција да се одржи веднаш откако Република Северна Македонија во нејзиниот Устав ќе ги вклучи сите граѓани кои живеат на територијата на земјата кои се дел од бугарскиот народ и ќе го усогласи своето важечко законодавство со измените направени во Уставот“. Вистински преседан е, еден подзаконски акт, па уште и незаконски донесен и правно невалиден, да наметнува измена на преамбулата на Уставот и на целото важечко законодавство. (hic!) Со сево ова, протоколот задира во темелните вредности на нашиот уставен поредок.
• Седмо, претставува непремостлива пречка за нормално функционирање и стратешко меѓународно позиционирање на македонската држава, зашто е вграден во евроинтеграцискиот пакет – Имено, имплицитно вграден во преговарачката рамка за евроинтеграција и експлицитно во два други документа од евроинтеграцискиот пакет. Во Преговарачката рамка за пристапните преговори на Македонија со ЕУ, предложена од страна на Претседателството на Франција со Советот на ЕУ на 30 јуни 2022, на Протоколот се реферира со „годишни прегледи и мерки за ефективна имплементација според Членот 12“. Додека, пак, во пакетот документи на ЕУ поврзани со македонската интеграција, Протоколот се спомнува директно во два (2) документа: во Заклучоците на Советот на ЕУ (18 јули 2022), во делот посветен на регионалната соработка и добрососедските односи, во точката 14, каде се поздравува „договорот за Протоколот од вториот состанок на заедничката меѓувладина комисија(…) Овој важен чекор ќе придонесе кон добрососедските односи и регионалната соработка, кои остануваат главни елементи на процесот на проширување како и на процесот за стабилизација и асоцијација“; и во Изјавата за одржувањето на првата Меѓувладина конференција (19 јули 2022), со истата формулација како и во цитираните Заклучоци.
Следејќи ја хронологијата на настаните поврзани со Протоколот, сметаме дека целата процедура со упатувањето на него во евроинтегративниот пакет за Македонија е хронолошки нелогична, правно неодржлива и крајно деградирачка за нашата земја. Имено, Бугарија и Европската Унија гледале, дискутирале и усвојувале непостоечки документ, додека Македонија била оставена како пасивен набљудувач да го чека нивното одобрување, па дури потоа да го потпише, иако се работи директно за неа и за нејзино идентитетско деградирање.
Сево ова правно ги дисквалификува и Протоколот и упатувањето на него во преговарачката рамка. Од сето погоре изнесено, јасно е дека Протоколот е непремостлива пречка за евроинтеграцијата, со оглед на апсурдноста на обврските и невозможноста тие да бидат исполнети од страна на Македонија како самостојна и суверена држава.
Процедурално гледано, мојата уставна иницијатива за поништување на Протоколот е прифатена за разгледување од Уставниот суд и се очекува јавна расправа и конечна одлука оваа пролет. Но, сега е прилика и Европскиот парламент да одигра клучна улога во одблокирањето на нашата евроинтеграција, заради кредибилноста на самата Европската Унија, стабилноста на регионот и просперитетот на Македонија и нејзините граѓани.
Се поставува правно прашање дали невалидниот Протокол може да се поништи во склад со меѓународното право и каква правна разврска тоа би произвело. Следејќи ја Виенската конвенција за договорното право (1969), членот 53 го овозможува поништувањето во случај кога е во спротивност со императивната норма на општото меѓународно право (jus cogens), како во овој случај (прекршувања 6 и 7). Понатаму, може да се повика на „невозможноста за исполнување на договор“ од членот 61, поради тоа што претставува непремостлива пречка за нормалното функционирање и стратешкото меѓународно позиционирање на македонската држава (прекршување 7). Постапката, пак, за прогласување на договор за ништовен и раскинување на договор, е објаснета во членот 67, додека постапката за корегирање на договор поради грешки во текстот, е објаснета во членот 79.
Важно е да се утврди официјално ништовноста на документот и неговата неодржливост како елемент во преговарачката рамка и во придружните документи. И правно и политички, постојат повеќе начини за разрешница на овој Гордиев јазол, базирани на меѓународното право и европските принципи, кои подразбираат заемно почитување, недискриминација и слобода за самоидентификување.
Останувам отворена за дополнителни разјаснувања, со надеж на логична и правична разврска, што ќе ја деблокира македонската евроинтеграција.
Со почит,
Лилјана Поповска
Доставено до:
- Комисија за надворешна политика во Европскиот Парламент
- Делегација на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ – Македонија
- Претседателка и Потпретседатели на Европскиот Парламент
- Претседатели на политичките групи
- Правна служба на Советот на Европската Унија
- Специјалниот известувач за евроинтеграцијата на Македонија, Томас Вајц