ОТВОРЕНО ПИСМО Директорке Сотировска-Бухова, ми пресудивте без суд, а тестовите покажуваат дека не сум заразен со Ковид-19!
Горан Стојановски, раководител на Регионалниот центар за управување со кризи Куманово, надворешен член на ОШЗС Куманово, упати отворено писмо до директорката на Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДЗСИ), Сотирова-Бухова. Го пренесуваме во целост:
Директорке Сотирова-Бухова, со оглед на фактот дека редовно ги следам пресовите на министерот Венко Филипче, а денеска и Вашиот, каде што говоревте за извештајот кој сте го направиле, а кој го споменувате и врз кој се базирате кога говоревте како човек и како одговорен граѓанин, ќе Ви укажам на неколку факти и грешки кои ги правите.
Не е точно дека не го знаете моето име и презиме, рековте, ве цитирам „Г.“ без презиме, а со оглед дека Вашите инспектори вршеле контроли во повеќе институции во врска со мене, во ПЗО кај матичниот лекар, во СВР Куманово, во ЦЈЗ кај инфектолог, во Брза помош, на Инфективно одделение Куманово, на одделението за ренген, во одделот за лабораторија, на Клиниката „Жан Митрев“ и на Клиниката „Систина“.
Еве, да ја расчистиме таа дилема, за Ваша информација името и презимето Ви стои во горниот дел од текстот.
Велите дека лицата немале посериозни здравствени проблеми. Е па еве, за да ја деконструирам и таа Ваша констатација, Ви укажувам на неколку дијагнози кои јас, лично ги имам: кардиоваскуларни проблеми, миокардит, позициониран левограм на срцето предизвикан од дискус хернија на желудникот, висок крвен притисок и ред други хронични заболувања, за кои, доколку Вашите инспектори знаеле што треба да инспектираат во доказната постапка, би ги добиле од мојот матичен лекар.
Во однос на Вашите искази, се толкува дека јас на евентуален преглед можам да се јавам исклучиво во живото-загрозувачка состојба, односно пред смрт. Не, тоа не коинцидира со Решението во кое се укажува, цитирам: „Доколку лицето во текот на лекувањето и изолацијата има потреба од болничко лекување, претходно треба да се јави на тел. 192 со цел да му биде овозможено напуштање на домот…“ Е па директорке, јас се јавив на тој телефонски број, со име и презиме, со јасно дефинирана патека на движење, што значи го испочитував и се држев до поставениот протокол.
Ве прашувам, дали направивте, а во спротивно Ви сугерирам да направите, проверка, дали јас, од страна на Институтот за Јавно здравје и од Министерството за здравство, сум ставен во базата на Ковид-19 асимптоматично позитивни, за да можел мојот матичен лекар да ме преземе и да ме вклопи во протоколот „Мој термин“, од каде ќе може да ја следи мојата здравствена состојба како позитивен на Ковид-19 и да ми креира упати по евентуална потреба до одделенија и клиники. Ако е направено тоа, Ве замолувам кажете ми кога.
За Ваша информација, мојот матичен лекар, самостојно, без да ме преземе од базата која треба Министерството да ја објавува, самиот креирал протокол преку „Мој термин“, за да може да реагира во состојби ако и кога моето здравје е загрозено, и тоа на ден петок 24.04.2020 година. Добронамерна сугестија кон Вас: упатете ги Вашите инспектори кон Министерството и кон Институтот, за да направат увид зошто не Ви функционира овој систем.
Директорке Сотирова-Бухова, зошто на јавноста не ѝ укажете дека има протокол врз база на кој како регистриран асимптоматски Ковид-19 позитивен, човек нема право на тестирање ниту преку „Мој термин“ кај матичниот лекар, ниту преко епидемиологот, а ниту преку инфектологот, туку треба да е исполнет алгоритмот, а тоа значи да станал веќе пациент кој чека на вратата на Инфективна клиника Куманово или во Скопје, за да легне мртов болен, како би можел да се тестира постхумно?
Во мојот конкретен случај, Вие ме обвинувате дека плаќајки го тестот од сопствениот семеен буџет, сум направил штета на Фондот за здравство. Ама навистина не Ве разбирам. Да повторам ,за да сфатите – јас тестирање не направив на товар на Фондот, како некои други, туку од сопствен џеб.
Директорке Сотирова-Бухова, јас знам дека така морате да го срочите сето тоа што го кажавте, но дозволете ми да Ви укажам дека Вие во моментот на пресот направивте неколку грешки, свесно или несвесно:
– Ми пресудивте без суд;
– Ми одредивте казна, повторно без суд;
– Не ми дозволивте да кажам ниту одбрана, ниту завршен збор.
Директорке Сотирова-Бухова, креиравте голем преседан, не сте ни свесни дека направивте кривично дело согласно Законот за заштита и тајноста на лични податоци, јавно ми ги соопштивте резултатите од тестирањето, а згора на тоа и лажно ги презентиравте, а за тоа немате никакво право. За Ваша информација, во консултација со адвокат, во наредниот период, со оглед на направената штета и повреда, ќе преземам соодветни законски мерки.
Имено, моите два резултати кои се дискутабилни, а за кои денес презентиравте пошироко (добиени на 22.04.2020), од извршеното дополнително приватно тестирање направени во две клиники, по насоки и укажувања од страна на мојот матичен лекар кој перманентно го следи моето здравје, а кој во исто време и претходно, согласно симптоматологијата која воопшто ја немав, беше сигурен дека се работи за некаква грешка или превид во однос на првичниот позитивен резултат од 12.04.2020. Првиот PCR тест подготвен во референтна лабораторија, како и вториот брз RAPID тест за антитела и IgG и IgM, се негативни и укажуваат на фактот дека ниту сум дошол во контакт со инфициран од Ковид-19, ниту пак воопшто станува збор, кај мене, во мојот организам, за некакво си заразување со Ковид-19.
Оттука, барам на наредниот прес јавно да обзнаните дека сте направиле грешка во толкувањето на мојот тест, а во спротивно, Ви ветувам, за тоа ќе Ви поднесам соодветна пријава.
Уште еднаш, јавно укажувам, директорке Сотирова-Бухова, не сакам да бидам погрешно сфатен, но јас не водам некаква борба со Вас или со Вашата институција со намера да Ве дискредитирам Вас, Институтот за Јавно Здравје или Министерството за здравство, Напротив. Се убедувам себе си, а уште повеќе сакам да верувам дека Лабораторија при Институтот за јавно здравје при прегледување на моите брисеви има направено превид или случајна грешка, но не сакам ни да помислам дека позадината е нешто сосема друго, кое по нечија потреба го прави позитивен мојот резултат и тоа сакам да го исправам.
Пак ќе кажам, не поради страв од жигосување или стигматизмот кон мене, туку од свесноста да укажам на можните грешки, таа е поголема од се друго, потребата од сознанието и просветленоста кон другите. Да укажам на фактот дека се работи за луѓе а не за бројки, да го поттикнам чувството на одговорноста кон сето она што го правиме и говориме.
Вие можете да ме казните, но јас и понатака ке останам на сето ова што погоре го кажувам.