Отворено новото стрелиште на војската и на полицијата (ФОТО)

Осврнувајќи се на изминатата 2020 година, Шекеринска рече дека иако светот ќе ја памти според пандемијата, за нас не беше изгубена година.

440

Во касарната „Илинден“ денеска е отворено новото заедничко стрелиште на Армијата и на МВР за гаѓање со пиштол и автомат за деветмилиметарски калибар на муниција.

Пуштањето во употреба на овој вежбовен објект, како што рекоа министрите за одбрана и за внатрешни работи, Радмила Шекеринска и Оливер Спасовски, е уште еден конкретен и важен потег во насока на остварување поквалитетна обука и подготовка на полициските и воените специјалци што е, пак, предуслов за зачувување на безбедноста на државата.






Според Шекеринска и Спасовски, модерноста на објектот, неговите техничко-тактички перформанси, согласно европските и НАТО стандардите, специфично одбрани и реализирани, гарантира не само поинтензивна, туку и специјализирана обука на оперативно делување што подразбира натамошно зголемување на професионалните капацитети на безбедносните единици.

– Немам дилема дека заеднички направивме уште еден успешен проект, насочен кон зголемување на оперативната моќ и опсегот на полициските и армиските специјалци, во нивната професионална подготвеност и обученост да делуваат во рамките на своите надлежности. Притоа, јасно го демонстриравме веќе установениот континуитет во подобрување и унапредување материјално-техничките капацитети на припадниците на двете министерства, како дел од севкупните општествени реформски зафати што ги преземаме изминативе неколку години – истакна Спасовски.

Тој напомена дека спроведувањето на законите, вклучително и на оние кои ја тангираат безбедносната сфера од живеењето, не значи само нивно нормативно почитување, туку бара и други претпоставки за да може да се гарантира оперативна ефикасност.

– Еден од тие предуслови е комбинирано и истовремено квалитетна професионална обука на сите припадници безбедносните служби, кои по словото на законите и според своите обврски и надлежности кои произлегуваат, имаат улога да бидат непосредни актери на остварувањето на безбедносната заштита на правниот поредок, на материјалните добра, на животот и сигурноста на секој наш граѓанин – рече Спасовски.

Министерот нагласи дека во организациската поставеност и на Министерството за внатрешни работи и на Министерството за одбрана, една од фундаменталните оперативни позиции им припаѓа на припадниците на специјалните единици во двете институции, полициски и воени.

– Овој заеднички проект со МВР освен што ја афирмира соработката меѓу двете водечки институции од безбедноста, значи и заштеда на ресурси и пари, но она што е важно за нас како членка на НАТО е дека ова стрелиште ќе додаде дополнителна вредност во нашата лична карта во НАТО бидејќи ќе биде и наш државен капацитет кој ќе се користи во вежбите кои ќе ги спроведуваме заедно со членките на НАТО или со некои од партнерите. Особено ми е драго што во услови на прогласена кризна состојба каде што главниот товар падна на товар на здравствените власти, но и на полицијата и на Армијата во нејзина поддршка, покажуваме дека знаеме како треба да соработуваат институции кои што се задолжени за најважните работи во државата – рече министерката Шекеринска.

Осврнувајќи се на изминатата 2020 година, Шекеринска рече дека иако светот ќе ја памти според пандемијата, за нас не беше изгубена година.

– Од утре влегуваме во последната седмица од 2020 година, година што сакаме да ја заборавиме. Сепак, во најтешката година како држава го обезбедивме најголемиот државен успех. И во оваа 2020 која светот ќе ја памети како потрошена поради корона кризата, за нас ќе биде и година во која што после 30 години маратон успеавме да станеме 30-та членка на најмоќната воено-политичка алијанса – подвлече Шекеринска.

На отворањето на стрелиштето присуствуваа и началникот на Генералштабот на Армијата Васко Ѓурчиновски, како и други истакнати личности од врвот на Армијата и МВР. И Шекеринска и Спасовски се согласија дека безбедносниот сегмент и натаму ќе биде во фокусот на приоритетите, како од аспект на негова натамошна модернизација согласно НАТО и ЕУ стандардите, така и од аспект на негово целосно обликување на сигурен и бескомпромисен гарант на слободата, сигурноста и безбедноста на граѓаните.

Поврзани содржини