ОТВОРЕНИ ВРАТИ ВО БИМИЛК ПО ПОВОД СВЕТСКИОТ ДЕН НА КВАЛИТЕТ Граѓаните одблизу го видоа процесот на производство на млекото и на млечните производи

Посетителите се запознаа со најсовремените методи на обработка, строгите контроли на квалитет и со високите стандарди што компанијата ги применува во секоја фаза, почнувајќи од прием на суровиот материјал до финалниот производ.

0

Бимилк го одбележа Светскиот ден на квалитет со традиционален отворен ден, на кој голем број граѓани, студенти и долгогодишни потрошувачи добија ретка можност одблизу да го следат целиот процес на производство на млекото и млечните производи. Посетителите се запознаа со најсовремените методи на обработка, строгите контроли на квалитет и со високите стандарди што компанијата ги применува во секоја фаза, почнувајќи од прием на суровиот материјал до финалниот производ. Настанот беше проследен со дегустации на производи, вклучувајќи и новитети од богатиот асортиман на компанијата.

Овој голем интерес на посетителите, кои љубопитно се интересираа за напредните процеси и стандарди што ги применува најголемиот млекопроизводител во државата, уште еднаш ја потврди довербата што компанијата ја ужива меѓу потрошувачите.






– Квалитетот и безбедноста на храната претставуваат темел на нашето работење. Како компанија која секојдневно произведува производи што се дел од семејните трпези, чувствуваме силна одговорност континуирано да ги унапредуваме сите процеси и стандарди во системот на контрола на квалитет. Затоа ни е особено важно потрошувачите да имаат можност лично да се запознаат со начинот на кој го обезбедуваме тој квалитет и да видат дека секој наш производ е резултат на строго дефинирани и ригорозно спроведени процедури – изјави Наташа Велева, супервизор на лабораторија од Бимилк.

Оваа година Бимилк повторно се стекна со сертификатот „Фер со потрошувачот“, видно признание што го доделуваат Организацијата на потрошувачи на Македонија и Здружението на бизнис и консултанти Креација. Стекнувањето на овој сертификат ја потврдува исполнетоста на критериумите за фер однос кон потрошувачите, кои се однесуваат на заштита на безбедност и здравје, примена на фер пазарни практики, техничка поддршка и решавање поплаки, како и заштита на лични податоци. Признанието, меѓу останатото, го докажува постоењето на свесност и знаење на потрошувачите, како и совесна и одржлива потрошувачка.

– Сертификатот „Фер со потрошувачот“ кој повторно го добивме оваа година е значајна потврда за нашата заложба. Тој не е само признание, туку и доказ дека системските процеси што ги применуваме – од контролите на квалитет до грижата за потребите на потрошувачите – функционираат на ниво кое ги исполнува строгите критериуми и очекувања. За нас, ова признание претставува дополнителна обврска да продолжиме со постојано унапредување и со градење уште поблиска, одговорна и долгорочна врска со сите кои ни ја доверуваат својата исхрана – додаде Велева.

Сертификатот претставува дополнителна потврда за системски поставениот пристап на Бимилк кон квалитетот и безбедноста на храната. Во рамки на своето секојдневно работење, компанијата применува напредни, енергетски ефикасни и еколошки процеси, како и високи меѓународни стандарди ISO 9001, ISO 22000, ISO 14001 и ISO 45001, кои постојано се надградуваат за да обезбедат максимална безбедност и стабилен квалитет на производите — нешто во што се уверија и посетителите на отворениот ден во Бимилк.

Со организирањето на Отворениот ден и со стекнувањето на сертификатот „Фер со потрошувачот“, Бимилк уште еднаш ја потврди својата долгорочна ориентација кон потрошувачите, кон унапредување на производните практики и кон развивање на безбедна, одговорна и современа млечна индустрија во Македонија.

Поврзани содржини