ОТВОРЕНИ ШАХТИ, ЈАГОДИ И МЕД НА АВТОПАТОТ „МАЈКА ТЕРЕЗА“ Надлежните си ги префрлаат дупките поради дупки во законите
Надлежните креваат раце од проблемот. Од Јавното претпријатие за државни патишта велат дека одржувањето на патиштата е на ЈП „Македонија пат“ од каде, пак, велат дека изминатиот период поради кражби ги замениле металните капаци на шахтите со бетонски, но дел од нив се оштетиле кога приватна фирма го чистела ѓубрето и околината на автопатиштата.
Немојте да возите по бавната лента на автопатот „Мајка Тереза“, бидејќи може за завршите во отворена шахта или да наидете на тезга со јагоди и со мед.
И годинава некои од шахтите на овој автопат се отворени. Една од нив е онаа која се наоѓа под надвозникот кој се наоѓа на потегот на делницата од Групчин до наплатната рампа во Желино. Не се знае колкав период оваа шахта е без капак бидејќи во неа може да се види сѐ и сешто.
Граѓаните кои се соочиле со отворената шахта велат дека се изненадиле бидејќи таму нема никаков знак дека се наидува на опасност на патот.
– Деновиве возејќи кон Тетово морав да застанам на десната лента на автопатот „Мајка Тереза“, бидејќи беше сончево одлучив да застанам под надвозникот во близина на наплатата рампа во Желино. И без да забележам удрив во празна шахта. За среќа тркалото не влезе во празната шахта, но кога мојот сопатник ја отвори вратата што да види – можеше да заврши со нога во празната шахта. Можевме да завршиме и со превртено возило и со повреди. Сега се прашувам каде се надлежните за одржување на патот и зошто не поставиле знак дека тој дел е опасен – реагира возач кој имал непријатно искуство со една од шахтите на автопатот.
Граѓани кои редовно сообраќаат на тој пат велат дека шахтата е отворена подолг период, но не знаат кој е одговорен за тоа за да го информираат.
– Прв пат кога ја видов отворената шахта отворена прашав на наплатната рампа во Желино каде да пријавам дека шахтата е отворена, но работникот ми рече дека и тој не знае каде, па оставив некој друг што знае да го направи тоа. Можеби има и други шахти отворени, зашто е познато дека капаците лесно можат да се земат. Но, не е проблем што шахтата е отворена, туку е проблем што нема знак кој укажува на опасност што значи дека тие што го одржуваат автопатот не поминале тука со месеци – вели друг граѓанин.
Надлежните креваат раце од проблемот. Од Јавното претпријатие за државни патишта велат дека одржувањето на патиштата е на ЈП „Македонија пат“ од каде, пак, велат дека изминатиот период поради кражби ги замениле металните капаци на шахтите со бетонски, но дека дел од нив се оштетени кога приватна фирма го чистела ѓубрето и околината на автопатиштата.
– Врз основа на нашите надлежности постојано вршиме замена на украдени капаци на шахти. Поради честите кражби изработуваме и бетонски капаци. Голем број од бетонските капаци во изминатиот период се искршени и оштетени при косење, кастрење и чистење на автопатите, од страна на операторот избран во постапка за јавна набавка од Јавното претпријатие за Државни патишта. Во врска со ова изготвена е Предмет – Пресметка и веднаш по одобрување на истата од страна на нашиот инвеститор ЈПДП истите повторно ќе бидат поставени велат од „Македонија пат“.
Покрај овој проблем, секој кој барем еднаш поминал на овој автопат забележал дека на десната лента има поставени импровизирани тезги за продажба на овошје. Во есен тука може да се видат тезги со грозје, а напролет тезги со мед и со јагоди. Состојбата не се менува со години и покрај реакциите на возачите.
Од јавното претпријатие за државни патишта велат дека овој проблем треба да го решат Министерството за внатрешни работи и пазарниот инспекторат.
За тоа дека проблемот со години се провлекува од „Македонија пат“ велат дека се свесни, но дека не можат да направат ништо бидејќи немаат ингеренции да ги отстранат дивите продавачи на овошје.
– Овој проблем се провлекува со години. Ние писмено и усно ги известуваме надлежните институции, МВР и Државниот инспектор за патишта при Државниот инспекторатот за транспорт – велат од „Македонија пат“.
Десната лента која вообичаено се нарекува „бавна лента“ или „сообраќајна лента за спори возила“ е наменета за движење на бавни возила кои се движат со брзина помала од предвидената за да не претставуваат пречка за другите учесници во сообраќајот и се користи во одделни делови за запирање на возилата кои имаат одреден дефект со соодветно поставена сигнализација.
Ако е така тогаш оваа лента на автопатот „Мајка Тереза“ не може да се рече дека е безбедна за сообраќај и во функција на возачите бидејќи на делови од автопатот има поставено тезги, а на дел и отворени шахти.