ОТВОРЕНА ГРАДИНКАТА „ДЕТЕЛИНКИ“ ВО КОЧАНИ Ќе згрижува 120 деца

127

Премиерот Христијан Мицкоски денеска присуствуваше на свеченото пуштање во употреба на нов објект од градинката „Павлина Вељанова“ во Кочани, во кој има простор за згрижување 120 дечиња.

Тој оцени дека овој објект значително ќе го подобри квалитетот на животот на граѓаните, особено на најмладите.






– За мене претставува секогаш задоволство кога ќе можеме да пуштиме во употреба објект којшто ќе додаде квалитет во животот на граѓаните, така и овој објект во Кочани. Градоначалникот многу детално даде осврт на тоа што овој има за цел да направи и која е неговата функција и колкав е бројот на дечиња што овдека ќе бидат згрижени и ќе можат да растат во рамките на овој објект, кој, како што знаете долго време беше потребно за да биде пуштен во употреба целосно – рече премиерот Мицкоски.

Тој се заблагодари на градоначалникот и на заменик-министерот во Министерство за социјална политика, демографија и млади, на Советот, на администрацијата во Општина Кочани, за ангажманот којшто го имале за денеска конечно, после сите перипетии во минатото, овој објект да почне да работи. Мицкоски истакна дека Владата секогаш ќе ги поддржува градоначалниците бидејќи, вели, тие ги знаат приоритетите на локалната заедница.

– Ќе повторам, ние како Влада стоиме целосно и позади работата на градоначалникот и апсолутно позади потребите на граѓаните на Општина Кочани – нагласи тој.

Новиот клон „Детелинки“ на Детската градинка „Павлина Вељанова“ е директен одговор на потребите на нашите сограѓани, на нашите најмили, на нивните родители и на нашата иднина, смета градоначалникот на Општина Кочани, Владко Грозданов, кој беше дел од свеченоста на пуштањето во употреба на градинката „Детелинки“ .

– Овој објект е резултат на една заедничка визија и е симбол на една солидна синергија помеѓу локалната и централната власт – нагласи кочанскиот градоначалник Грозданов.

Објектот „Детелинки“, располага со нето корисна површина од 1.011,64 м2 и двор од 2.510 м2. Во објектот ќе се згрижуваат 114 деца, од 9 месеци до 6-годишна возраст, организирани во 6 групи, согласно Законот за заштита на децата.

Поврзани содржини