ОТВОРЕН САЕМОТ ЗА БЕЗБЕДНОСТ Приватните компании и МВР ја продлабочуваат соработката
Сметам дека на овој настан треба да упатиме порака оти државата, Владата и безбедносниот сектор, може посигурно и похрабро да влезат во градење на концептот на јавно-приватно партнерство каде што подобрувањето на јавната безбедност и подобрувањето на безбедноста на некои од државните објекти може да биде доверено на агенциите од приватното обезбедување - рече професорот д-р Марјан Ѓуровски од Институтот за безбедност, одбрана и мир при Филозофскиот Факултет во Скопје.
За Министерството за внатрешни работи (МВР) од голема важност и од непосреден интерес се постојаната стручна и професионална надградба на дејноста приватно обезбедување, исто како што е нужен нашиот постојан контакт, размена на искуства и стручна соработка. Безбедноста денес, со својата сеопфатност во општественото живеење, имплицитно бара постојано трагање по идеи и концепти во врска со мноштвото нови предизвици и безбедносни закани.
Ова денеска го нагласи министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на Саемот за безбедност под наслов „Живеј безбедно”, што го организира Комората за приватна безбедност, а кој е дел од севкупните активности поврзани со годишната кампања – Денови на приватно обезбедување, што традиционално се организира по петнаесетти пат.
– Кај приватното обезбедување дополнителен мотив е и пазарот на којшто носителите на дејноста се натпреваруваат меѓусебно, но и во интерес на кредибилноста на самата дејност. Годинешново одбележување на Деновите на приватното обезбедување содржински тежнее кон понатамошно подигање на нивото на квалитет, преку презентација на тенденции кои одат во правец на континуирано унапредување на приватното обезбедување – рече Спасовски.
Тој потсети дека МВР и Комората уште во 2018 година, поаѓајќи од заедничкиот интерес за продлабочување на партнерскиот однос во унапредување на приватната и јавна безбедност, потпишаа Меморандум за соработка.
– Овој Меморандум претставува правна рамка што дополнително отвори простор да се размислува и делува околу продлабочување на меѓусебната соработка, користејќи ги сите отворени можности и перспективи во домените на нашата и ваша надлежност – јавната и приватната безбедност. Сето тоа во насока на координирано ползување на заедничките капацитети, меѓусебно надополнување во организирањето и спроведувањето на превентивните мерки и програми, збогатување и подигање на нивото на безбедносните стандарди и практики, нормативни подобрувања и надградби, со крајна цел повисоки ефикасни нивоа на безбедност во интерес на граѓаните на Република Северна Македонија – нагласи министерот.
Претседателката на Комората за приватно обезбедување Верица Милеска Стефановска истакна дека овој саем ќе биде во функција на надоградување на квалитетната стратешка координација меѓу приватната и јавната безбедност.
– Денес се претставуваат компании кои нудат услуги за физичко и техничко обезбедување за граѓаните, за обезбедување на нивните компании, домови, имоти и личности. Тоа се компании кои нудат самостојни или интегрирани технички решенија или опрема, мониторинг услуги поддржани со интервенција од патролно обезбедување, пренос и транспорт на пари и други вредносни пратки и физичко обезбедување. Сите компании за приватно обезбедување имаат висок стручен и обучен персонал, тие се модерно опремени ги следат најновите трендови и стандарди во индустријата и имплементираат најсовремени технички достигнувања со гаранција за безбедноста и адаптирана за потребите на корисниците на нашите услуги – рече Милеска Стефановска.
Професор д-р Марјан Ѓуровски од Институтот за безбедност, одбрана и мир при Филозофскиот Факултет во Скопје смета дека преку подобра соработка меѓу лицата од приватното обезбедување и раната превенција, може многу ризици и закани да се превенираат пред тие да претставуваат сериозен безбедносен ризик.
– Сметам дека на овој настан треба да упатиме порака оти државата, Владата и безбедносниот сектор, може посигурно и похрабро да влезат во градење на концептот на јавно-приватно партнерство каде што подобрувањето на јавната безбедност и подобрувањето на безбедноста на некои од државните објекти може да биде доверено на агенциите од приватното обезбедување, согласно утврдените стандарди што ги работи безбедносниот систем и во кои од другата страна имаме пред се професионалци кои можат да понудат услуги исто како државата – рече Ѓуровски.
Тој нагласи оти треба да се испрати јасна порака дека во секторот за безбедност нема импровизации.
– Потребно ни е приватното обезбедување во сегментите каде јасно е утврдено во делот на законот за приватно обезбедување, бидејќи е поефикасно, побезбедно, поекономично и едноставно ќе ја олесниме работата на МВР во справувањето со покрупните безбедносни ризици и ќе имаме посилна јавна безбедност. На тој начин ќе го обезбедиме јасниот триаголник: задоволни граѓани – функционален, економичен и задоволен сектор на приватно обезбедување – безбедна држава, односно функционално МВР. Токму преку трипартитната соработка и граѓаните и државата ќе бидат побезбедни – заклучи Ѓуровски.