Отворен првиот дел од новиот булевар „Босна и Херцеговина“

Тој ги поврзува граѓаните на општините Шуто Оризари, Карпош, Чаир, Бутел и Железара со преостанатиот дел од градот. Заедно со булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“ претставува брз излез на обиколницата.

552

Заврши изградбата на првиот дел од новопроектираниот булевар „Босна и Херцеговина“, кој се протега од улицата „Македонско-косовска бригада“ до раскрсницата со улиците „Александар Урдаревски“ и „Ќемал Сејфула“. Булеварот има шест сообраќајни ленти и комплетна инфраструктура.

Тој ги поврзува граѓаните на општините Шуто Оризари, Карпош, Чаир, Бутел и Железара со преостанатиот дел од градот. Заедно со булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“ претставува брз излез на обиколницата.






Инвестицијата е вредна околу сто милиони денари.

На отварањето на сообраќајот денеска присуствуваше градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов кој посочи дека станува збор за најмодерно сообраќајно решение, со целосна инфраструктура, шест сообраќајни ленти, две велосипедски и две пешачки патеки, средишно зеленило и странично зеленило.

–  Се сеќавате дека овде имаше една стара улица која исто се викаше „Босна и Херцеговина“, и која 50-тина години не беше реконструирана. Овој булевар всушност е дел од секундарниот северен прстен за којшто разговаравме во текот на кампањата во 2017 година и ова е неговата реализација. Во чест на Република Босна и Херцеговина денеска го отвораме овој булевар, за граѓаните да уживаат во овој квалитет што го внесуваме во Скопје – рече Шилегов.

Тој нагласи дека Градот вложува во нова и современа инфраструктура, а во тек се градежните работи на булеварот „Никола Карев“.

Шилегов упати апел до граѓаните додека се изведуваат реконструкциите на градските улици да се придржуваат кон сообраќајните режими што се воведуваат за да се овозможи побезбедно одвивање на сообраќајот.

На отворањето за сообраќај на булеварот денеска присуствуваа и амбасадорот на Република Босна и Херцеговина, Драган Јаќимовиќ, градоначалниците на општините Чаир и Бутел, Висар Ганиу и Велимир Смилевски и советници од Советот на Град Скопје.

Поврзани содржини