ОТВОРЕН ПРОСТОР ЗА ТРГОВСКА РАЗМЕНА ОД 2 МИЛИЈАРДИ ЕВРА Големите транспортни проекти во центарот на Макеонско-српскиот бизнис форум
Според Стоилковиќ, „Македонија влегува во оваа соработка со стабилни и уверливи економски резултати“, а во прилог на тоа посочи на податоците за економски раст од 3,4%, за инфлацијата помеѓу 3,5 и 4%, како и на растот на нето платата, на индустриското производство кое посочи дека ја следи позитивната економска траекторија, активностите за финансиската стабилност преку намалување на јавниот долг, нивото на инвестициите.
Македонско – српскиот бизнис форум што се одржува денеска во Скопје ги обединува економските потенцијали на двете земји и е израз на заедничката визија за посилна регионална економија и продлабочување на партнерствата, порача вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ на отворањето на форумот.
– Градиме економија која е стабилна, предвидлива и иновативна, и е заснована на инвестиции. Затоа ваквите форуми не се формалност, туку двигател на конкретни проекти за раст, развој и заеднички успеси – рече Стоилковиќ.
Очекува форумот да донесе нови деловни партнерства меѓу македонските и српските бизнисмени, инвестиции, отворање на нови канали за извоз и на работни места, што наскоро ќе резултира со зголемување на трговска размена на ниво од 2 милијарди евра.
Според Стоилковиќ, „Македонија влегува во оваа соработка со стабилни и уверливи економски резултати“, а во прилог на тоа посочи на податоците за економски раст од 3,4%, за инфлацијата помеѓу 3,5 и 4%, како и на растот на нето платата, на индустриското производство кое посочи дека ја следи позитивната економска траекторија, активностите за финансиската стабилност преку намалување на јавниот долг, нивото на инвестициите.
– Капиталните инвестиции се движечка сила на растот. Износот од 1,2 милијарди евра странски инвестиции е потврда дека државава станува атрактивна и доверлива дестинација за инвестиции – наведе Стоилковиќ.
Сето ова, посочи тој, нема да има никаква цел ако не води кон посилна поконкурентна и подинамична регионална економија.
– Затоа во односите со Србија градиме партнерство засновано на доверба, заеднички интереси и практични резултати. Нашите економиии се природно поврзани, нашите пазари меѓусебно се надополнуваат, нашите компании создаваат вредност која расте со секоја соработка. Заедно создаваме пазар со 10 милиони луѓе со силни перспективи во агроиндустријата, автомобилските компоненти, енергетиката и логистиката – рече Стоилковиќ.
Форумот продолжува со обраќање на српската потпретседателка на Владата и министерка за економија Андријана Месаровиќ и претседателите на стопанските комори.
На форумот присуствуваат претставници на 200 компании од двете земји.
Стоилковиќ и Месаровиќ претходно денеска во Владата потпишаа Меморандум за соработка меѓу двете држави и имаа средба на која беше разговарано за билатералната соработка и за нејзино интензивирање.
Станува збор за Меморандум со кој ќе се унапреди комуникацијата меѓу институциите и приватниот сектор, ќе се координираат економските политики, а посебен акцент ќе биде ставен на инфраструктурното поврзување и соработката на проекти од заеднички интерес како што е модернизацијата на железничката и патната инфраструктура.