Отворен фестивалот на народни игри и песни „Илинденски денови“

На првата фестивалска вечер, синоќа во амфитеатарот на Хераклеја Линкестис настапија националните ансамбли „Танец“ од Скопје и „Ладо“ од Загреб.

259

Собранието како претставнички дом на граѓаните чијашто улога е, и да биде дел од ваквите традиции е горд покровител на фестивалот на народни игри и песни „Илинденски денови“, истакна потпретседателот на Парламентот Горан Мисовски синоќа во Битола.

Прогласувајќи го фестивалот за отворен, Мисовски рече дека музиката, фолклорот и игрите се универзална цивилизациска категорија, дел од светското културно наследство, но во исто време тие претставуваат значајни елементи кои го дефинираат, чуваат и развиваат националниот идентитет.






Поздравна реч на отворањето одржа и Филип Бусон, претседател на Светската асоцијација на фолклорни фестивали-ЦИОФФ која како што рече претставува чувар на движното културно наследство.

– Ние сакаме светот да разбере дека ЦИОФФ придонесува за развој на живите традиции. Знам дека не е лесно да се организира културен настан во време на пандемија и затоа им честитам на организаторите и на учесниците кои допатуваа во Битола за да танцуваме заедно, да свириме заедно, да пееме заедно и да изградиме поубав свет заедно – рече меѓудругото Бусон.

Во името на градот домаќин, гостите ги поздрави Татјана Крнчева, членка на Советот на Општина Битола која истакна дека фестивалот „Илинденски денови“ повеќе од пет децении е нераскинлив дел од Битола и од светскиот фолклорен свет.

– Илјадници народни уметници, многубројни посетители инспирирани и водени од автентични културни вредности се дел од мозаикот на овој фестивал, толку жив и толку колоритен, како секоја од носиите што продефилирале, како секоја од песните што прозвучиле – нагласи Крнчева, а добредојде на сите гости што присуствуваа на свеченото отворање им посака директорката Маја Андоновска Илијевски која потсети дека музиката е универзален јазик на човештвото и затоа на фестивалот во Битола се зборува на еден јазик, пеејќи и танцувајќи.

На првата фестивалска вечер, синоќа во амфитеатарот на Хераклеја Линкестис настапија националните ансамбли „Танец“ од Скопје и „Ладо“ од Загреб.

Поврзани содржини