ОТВОРЕН Е ПРЕДМЕТ ПО ДОПРЕН ГЛАС Сторијата на ИРЛ за „Жан Митрев“ го разбуди Обвинителството (ВИДЕО)

Предметот е распореден кај надлежен јавен обвинител кој ќе преземе дејствија за проверка на наводите од кои произлегуваат индиции за кривични дела против здравјето на луѓето, велат од Јавното обвинителство за 360 Степени.

896

Јавното обвинителство оформило предмет по документарната емисија „Нечиста крв“ објавена на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ), во која медиумот објавува дека приватната клиника „Жан Митрев“, која прими најмногу пациенти за време на пандемијата со ковид-19 и во која лекувањето чинеше десетици илјади евра, го применувала методот хемофилтрација (филтрирање на крвта) кој практично бил клиничка студија.

Наспроти домашното законодавство, клиничките студии што се спроведувале во „Жан Митрев“ не биле пријавени и одобрени од МАЛМЕД, односно, како што тврдат новинарите од ИРЛ, пациентите кои плаќале дебели пари за да си го спасат животот со хемофилтрација, не биле информирани дека се всушност цел на експеримент.






– Веднаш по објавата на наведената документарна емисија, Основното јавно обвинителство Скопје оформи предмет врз основа на инструментот на допрен глас, предвиден во Законот за кривична постапка. Предметот е распореден кај надлежен јавен обвинител кој ќе преземе дејствија за проверка на наводите од кои произлегуваат индиции за кривични дела против здравјето на луѓето – велат од ЈО за 360 Степени.

Во научните трудови објавени врз основа на клиничките студии во „Жан Митрев“, пишува и дека значителен дел од пациентите добиле интрахоспитални инфекции за време на лекувањето. Тоа го тврдат и дел од роднините на починати пациенти во болницата.

Според Центарот за јавно здравје – Скопје, клиниката „Жан Митрев“ ниту еднаш не пријавила појава на интрахоспитални инфекции иако по закон треба да го извести државниот орган.

Утрово пристигна реакција од клиниката „Жан Митрев“ во којашто се вели дека „фабрикуваните информации на ИРЛ ја дискредитираат Клиниката“.

„Клиничката болница Жан Митрев успешно работи за добробит на граѓаните веќе 22 години, нудејќи им услуги сертифицирани по светски стандарди, професионална грижа во насока на подобрување на здравјето, што е докажано во безброј успешни случаи. Ваквиот пристап продолжи да се применува и во текот на светската панедмија предизвикана од страна на вирусот ковид-19, во кој период клиниката со многу труд, волја и неизмерно себевложување од своите вработени придонесе за спасување на огромен број на човечки животи“, се вели во реакцијата.

Оттаму додааваат дека се згрозени од тенденциозниот говор на омраза, употребуван кон нивната институција, како и од неточните наоди, односно од фабрикуваните информации кои се насочени кон креирање на лажна слика во пошироката јавност за работата на клиниката.

Според ПЗУ Жан Митрев во периодот што следи здравствената установа ќе ги искористи сите правни можности согласно законите, а со цел да се спречат овие и сите следни вакви и слични неосновани напади на институцијата.

Поврзани содржини